Претседателот на СДСМ Зоран Заев вели дека се израдувал на Извештајот на Европската комисија, во кој се оценува дека нашата држава остварила значаен напредок во сите области и му препорачува на Советот да донесе позитивна одлука.

– За мене тоа е потврда дека нашиот народ, Парламентот, Владата ги завршиле своите обврски. Тоа што зависи од нас е завршено и самиот извештај потврдува дека испративме сериозна порака оти продолжуваме на европскиот пат. Веројатно се мисли на Законот за јавно обвинителство и на останатите реформи кои што беа процесуирани преку законите за реформи во јавната администрација, продолжија со доекипирањето на АНБ, на ОТА, на безбедносните служби, а веќе во Парламентот е законот за промена на Агенцијата за разузнавање, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

Тој притоа  го посочи и сериозното работење на Антикорупциска комисија, како и дека борбата против корупцијата и криминалот продолжува со посветено темпо.

-Извештајот денеска е верификуван од страна на ЕК и ќе биде проследен до земјите членки од каде што очекуваме Европскиот совет да носи позитивни одлуки. За мене е важно тоа што беше до нас да го завршиме и го завршивме. Тоа е потврдено и во јуни и во октомври, а сега дополнително е и верифилувано дека продолжуваме и покрај историската грешка што и беше напарвена на РС Македонија на октомврскиот самит на Европскиот совет, рече Заев.

Тој во оваа прилика испрати порака до европските граѓани, до нивните лидери, како и до Европската комисија која, како што рече, веќе ја заврши работата, да го исполнат своето ветување.

–  Уште еднаш напоменувам. Ние не очекуваме веднаш членство, ние очекуваме после 15 години одлука за добивање датум за почеток на преговорите и отворање на претпристапните поглавја,  каде преку вистински реформи и трансформации ќе можеме да ги користиме и огромните европски фондови кои ќе го кренат економскиот стандард кај нашиот народ, истакна Заев.

Тој посочи дека не би си дозволил да коментира кога очекува одлука.

– Тоа што го вети Европскиот совет беше не подоцна од мај пред европскиот самит за Западен Балкан во Загреб, што ќе се одржи на 7-8 мај. Ние ќе чекаме кога ќе бидат готови да ја донесат одлуката. Се надевам дека ќе го израдуваат нашиот народ,час поскоро, а ние продолжуваме да работиме, рече Заев.

Во Извештајот на Европската комисија за исполнувањето на условите за преговори, кој е основата врз која земјите членки на ЕУ треба да одлучат овој месец дали ќе дадат зелено светло за нивно започнување, се оценува дека Македонија остварила значаен напредок во сите области и му препорачува на Советот да донесе позитивна одлука.

Извештајот треба да се објави најрано денес, а најдоцна до крајот на оваа недела. МИА доби пристап до овој кус документ во кој Европската Комисија го разгледува напредокот во клучните реформски области што ги бараат земјите членки.

Документот заклучува дека со оглед на „значајниот остварен напредок и исполнувањето на условите едногласно поставени од Советот во јуни 2018, Комисијата препорача во својот пакет за проширувањето во 2019 дека Советот треба да започне преговори со Македонија. Општо земено, Македонија ги зголеми своите напори и испорача опипливи и одржливи резултати во клучните области“.

Оттука, Европската комисија порачува дека оценката од 2019 не е променета и дека Македонија треба да започне преговори со ЕУ.