Добрите вести доаѓаат во серија, истакна премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција во Владата со вицепремиерот Кочо Анѓушев.

– Економските параметри се одлични. Економските и фискалните политики даваат резултати. Растот на БДП од 4,1 отсто е силен показател за исправноста на сите политики и програми што ги реализираме, истакна Заев.

Двајцата очекуваат дека трендот на забрзан економски раст ќе продолжи и во следниот период.

– Во првиот квартал имаме раст од 4,1 отсто, што е највисокиот квартален износ во последните две години. Математички прецизно има разлика. Разликата од пред две години е 4,1 процент. Очекуваме разликата да се зголемува зашто во вториот квартал стапката на раст на БДП во 2017 година беше минус 1,8 отсто. Со оваа изразита разлика, паѓаат во вода вчерашните небулози на ВМРО-ДПМНЕ дека нема напредок во економијата. Податоците ги демантираат сите нивни лажни информации, рече Заев.

Додаде дека Министерството за финансии ги има ревидирано проекциите за раст на БДП во нагорна линија и оти се очекува заклучно со 2019 година државата да забележи раст на БДП поголем од 3,5 проценти.

– Овој квартал и трендовите во првата половина од годината ни даваат сигнал дека може да очекуваме и надминување на проекциите, истакна Заев.

Според него, растот на БДП е силен показател за исправноста на сите политики и програми што се реализираат.

– Презедовме храбри и одлучни чекори со кои директно и индиректно ја бетониравме стабилноста на нашата земја. Процесот за пристапување во НАТО и кристално чистата и безусловна препорака за отпочнување  преговори со Европската унија се исто така признание и за нашите економски политики, но истовремено силен поттик за продолжување на успешни економски политики во државата, нагласи Заев.

Според вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, економскиот раст е очекуван и добро е тоа што сите гранки кои го креираат БДП бележат раст како што се градежништвото, индустријата и земјоделството.

Важно е, смета Анѓушев, и тоа што бруто инвестициите во првиот квартал бележат раст од 9,9 проценти во споредба со првиот квартал минатата година. Сето ова, според него, придонесува да се намали и стапката на невработеност од 22,6 проценти во вториот квартал во 2017 година на 17,8 порценти во првиот квартал годинава.

– Она што е најважно е дека економијата од една виртуелна економија во која државата имаше главна улога, ја пренасочивме во реална економија во која реалниот сектор има главна улога. Политичките функции се менливи, а ние како вршители на тие функции имаме обврска да обездиме долготраен развој на државата, а тоа се прави доколку се обезбеди еден систем и стратегија за долгорочен раст на државата, кои не можат да дојдат преку ноќ, рече Анѓушев.