Премиерот Зоран Заев денеска на својот профил на Фејсбук објави видео честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Северна Македонија по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука.

– Заедно растеме, учиме, се развиваме, 111 години. Честит Ден на албанската азбука!, се наведува во придружниот текст на видео честитката на Заев.

И претседателот Стево Пендаровски упати честитка:

– Создавањето на азбуката и кодифицирањето на еден јазик е еден од најзначајните чекори на самоидентификација на еден народ. 22 Ноември е значаен ден за албанскиот народ, но и за цела РС Македонија, бидејќи на овој датум во 1908 година, албанските интелектуалци на конгресот во Битола донесоа одлука за унифицирање на албанската азбука. Со ова практично се поттикна политичкото, културното и образовното издигнување на Албанците, се вели во честитката на Пендаровски.

Шефот на државата натаму наведува дека прославувајќи го овој празник, ние како современо, мултиетничко и мултикултурно општество, ги потврдуваме нашите заложби за градење на едно општество за сите и подобра и посветла иднина за секој наш граѓанин.

– Почитувањето и вреднувањето на меѓусебните разлики е она што нè зближува, обединува и нè прави единствени во справувањето со предизвиците. Затоа, во оваа прилика, сакам на албанската етничка заедница да ѝ го честитам Денот на азбуката, а на сите граѓани на РС Македонија да им порачам дека вистинскиот пат на градење на европска држава се почитта, соработката и заедништвото. Нека ни е честит 22 Ноември – Денот на албанската азбука, се истакнува во честитката на претседателот Пендаровски.