Нема одложување на пописот и покрај воведувањетона полициски час, изјави на денешната прес-конференција премиерот Зоран Заев.
– Никој не може да каже дека за една година нема да е исто. Не може ни за месец или два да одложиме, бидејќи ни тогаш не знаеме дали ќе е различно, а потоа доаѓаат локалните избори, изјави Заев.
Полицискиот час во Македнија почнува вечерва во 22 часот и ќе трае до изутрина до 5 часот во наредните две недели. А пописот е закажан од 1 до 21 април.
Во врска со набавката на кинеските вакцини и пишувањето на италијанскиот весник Ла верита, Заев негира дека имал лоши намери:
-Апсолутно негирам какви било лоши намери и незаконски дејствувања при набавка на вакцините, имавме писма за интерес преку повеќе приватни компании, не само во Кина за граѓаните час поскоро да ги добијат вакцините, а одеме и преку џиновската „Чајна пауер“. По сите можни канали се обидувавме час поскоро да обезбедиме вакцини, јас, како и министерот за здравство Венко Филипче ја информиравме јавноста дека по две недели, чекање на активности на кинеската амбасада, ние директно преку „Синофарм“ не можевме да добиеме контакт и дадовме нарачки преку приватни компании кои што Министерството за надворешни работи не ги потврди и затоа и авансот беше повлечен. Сега очекуваме нарачките да стигнат преку МНР на Кина и кинеската амбасада, рече Заев.
Тој рече дека не ја прочитал утринската вест на Ла Верита, но повтори дека се правеле нарачки и преку приватни фирми затоа што Владата се обидувала на секој начин да најде побрзо вакцини за граѓаните.
– Да, сме правеле нарачки, ни помогна „Пауер Чајна“ која е мајка на фирмата која ги гради патиштата во Северна Македонија. „Пауер Чајна“ е еден од кандидатите за Чебрен, голема компанија, државна сопственост на Кина и од таму се обидувавме покрај амбасадата, се обидувавме преку контактите што ги имаме овде, рече Заев.