Отворен спортски Балкан е насловот на една од работните сесии на вчерашниот симпозиум на Асоцијацијата на спортски новинари, објави бившиот премиер Зоран Заев, кој заедно со бившиот политичар Васил Тупурковски се добитници на златни медали.

– Тоа ме поттикна да зборувам за регионалната соработка и за иницијативата Отворен Балкан која треба да биде вистински урнек и за другите земји од регионот па и пошироко, затоа што на најубав можен начин ја промовира и афирмира довербата, како искрена форма на изнаоѓање најкус пат до прогресот и подобрата иднина. Ние може да се разликуваме по многу нешта, но заеднички треба да ни биде стремежот кон таа иднина. Отворен Балкан не е ништо друго, туку отворена можност за непречена билатерална или мултилатерална соработка на сите можни полиња, вклучително и на полето на спортот. Така се гради пријателство. Така се оди напред. Така се чува и надградува мирот, објави вечерва Заев на својот профил на Фејсбук.

Како што објавивме, Заев и неговиот бивш грчки колега Алексис Ципрас се добитници на златни плакети на самитот на спортски новинари во Струмица. Заев изјави дека, со Ципрас не успеале да ја добијат Нобеловата награда, но признанието од Струмица му значи многу.

Заев и Ципрас не ја добија Нобеловата награда за мир, но Република Македонија по нивниот договор доби придавка Северна во името и го смени уставното име, за што претходно Заев се колнеше и во „живо и во мртво“ дека нема да се случи.