Фокусот на Владата беше да ги користиме и сите меѓународни успешни алатки за борба со криминалот и корупцијата и имаме многу добри резултати. Извештајот на „Транспаренси интернешенел“ го прифаќаме како поттик за да одиме чекор по чекор според насоките што тој ги дава, порача премиерот Зоран Заев во емисијата „Конфликт зоун“ на „Дојче веле“.

Нагласи дека владеењето на правото и еднаквоста пред законите важи за сите без исклучок и додаде дека Владата постојано ги следи укажувањата и препораките на независните антикорупциски тела.

-Имаме повеќе од пет високи политичари кои се во затвор со конечна одлука од Основен и Апелациски суд и кои веќе ги отслужуваат своите казни. Ова е голем успех во споредба со периодот од пред четири години и тоа е многу очигледно. Секој граѓанин може да го следи трошењето на државните пари, сите процедури за набавка се јавни пред да се потпишат и да отпочнат. Сега во главниот фокус ни е дигитализацијата, бидејќи преку неа сакаме да го промениме субјективното однесување на јавната администрација, посочи Заев.

На новинарско прашање, премиерот Заев информираше дека и понатаму се истражуваат сите легални начини како поранешниот премиер Груевски да биде вратен назад, со цел да ја отслужи казната изречена од судот.

-Сакам да истакнам дека и многу екс министри кои биле луѓе блиски на оваа власт, ги отслужуваат своите казни или се на суд. Имаме многу случаи кои потврдуваат дека владеењето на правото е еднакво за сите. Во нашата земја секој коментар може да покрене истрага. Антикорупциската комисија има комплетна независност и тоа е потврдено во сите извештаи. Имаме целосна независност и на судските органи и на органите на прогонот. Побаравме одговорност и од судиите и 12 судии се отповикани заради лошо работење во нивниот мандат, потенцира Заев.