Лидерот на СДСМ Зоран Заев  вечерва во телевизиско соочување на ТВ 24 му порача на неговиот опонент од опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека не може да зборува за правда и право затоа што, како што вели, тие ги поставиле судиите во нивно време и се работело само за пари.

-Спомнувајќи го Рекет, спомнувајќи го Поткуп сето тоа што го знаеме во тој период за да се блокира законот за јавно обвинителство беше заради Империја, заради пусти пари и сега веќе  согледавме дека се работи за поткуп добро осмислен, организиран и поддржан од господинот Мицкоски  да се спроведе преку Орце Камчев, Зоран Кическиот, Катица Јанева, Боки 13-ка, се работело само за пусти пари, за финансирање на кампањата, за парите  за партијата и слично. Затоа не може Мицкоски  да држи  предавање за правда и право, тие ги поставија судиите во нивно време, и сето било за пари, какво право, каква држава. Единствените идеали на ВМРО-ДПМНЕ им остануват парите, власта, моќта, ниту до народот им е, ниту до татковината, рече Заев.

Мицкоски, пак смета, смета дека претседателот на СДСМ Зоран Заев индиректно признал дека нема документ оти го пријавил случајот „Рекет“ кај јавниот обвинител.

-Во едно наше соочување и претходно ве прашав дали го пријавивте случајот Рекет, каде е документот дека сте го пријавиле случајот Рекет. И ова ве прашувам, а не добивам одговор, а вие цело време тврдите дека го направивте тоа. Како тоа пријавен случај, а немате документ, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ,

Кога и каде сте го сторивте тоа, праша Мицкоски.

Заев посочи дека на 22 април го пријавил случајот кај јавниот обвинител. -Јас бев на состанок кај јавниот обвинител, таму не даваат документ, наведе Заев.

Мицкоски рече дека кога се оди кај јавен обвинител да се пријави случај се добива документ и го презентира случајот кога Антонијо Милошоски отиде во јавното обвинителство. Тој таму, како што кажа, достави документ, пријави и доби документ дека е пријавен случајот.

Нагласи дека во изминатите три години ништо не е направено за реформи на судството.

-Имавте три години можност барем да покажете некаква значи дека сакате да се справувате, а не да правите сосема спротивно, дури да не ги споменувам оние трас трас судски одлуки, рече Мицкоски и додаде дека човек „обремен со случајот на поткуп и криминал не може да биде реформатор“.