Сите земји членки на ЕУ ја прифатија одлуката на ЕК од март 2020 година и се согласија дека интегрирањето на партнерите од Западен Балкан во ЕУ претставува геостратешка инвестиција во мирот, стабилноста, безбедноста и економскиот раст на целиот континент и дека Западен Балкан е составен дел на Европа и геостратешки приоритет за ЕУ. За жал, Бугарија ја блокираше оваа одлука и таа блокада е сѐ уште активна. Искрено се надевам дека вашите пораки од овој форум ќе бидат дел од новиот импетус кој е толку неопходен во овој момент и дека на 6 октомври во Словенија ќе бидат направени потребните чекори за деблокирање на проширувањето на ЕУ.
Ова го истакна премиерот Зоран Заев во воведното обраќање на Осмиот Форум на граѓанско општество на Западен Балкан кој денеска и утре се одржува во Скопје, во организација на Европскиот економски и социјален комитет. Тој истакна дека првата тема за дебата на форумот – Зајакнување на пристапниот процес – Кредибилна перспектива на ЕУ за Западен Балкан – е вистинска тема во вистинско време од исклучителна важност за Западен Балкан и за Европската Унија заради наметнатата блокада за проширување која го доведува во прашање стратешкиот интерес на Брисел за проширување на Унијата со земји од регион со круцијална стратегиска важност за Европа.
-Нашиот напредок во ЕУ интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнување на европските стандарди, а ние, во духот европските добрососедски односи, ќе ги интензивираме разговорите со Бугарија со искрена волја да правиме чекори поблиску до решение за нашите билатерални прашања. За да се обнови довербата во проширувањето и за да се зајакнат механизмите на ЕУ за ефикасно спроведување на процесот за интеграција и за членство на своите природни сојузници од Западен Балкан, Брисел, треба без резерви да го обезбеди пристапот на политичките лидери и на претставниците на граѓанските организации од овој регион да учествуваат во активностите во рамките на Конференцијата за иднината на Европа, бидејќи Западен Балкан е нераскинлив дел од Европската Унија, порача Заев.
Ова, нагласи тој, е особено и суштински важно бидејќи ако остане овој статус кво, без изгледни шанси за напредок, разочарувањето од блокадата на проширувањето ќе се прошири како канцер и врз другите процеси за европеизација на земјите од Западен Балкан. Во таа насока, многу е важно, вели, да продолжат сите предвидени национални политики за Зелената агенда за Западен Балкан, како дел од Европскиот зелен договор, со поддршката од Економскиот и инвестициониот план за Западен Балкан на Европската Унија.
-Нема никакво сомневање, и во нашите политики е апсолутно прифатено дека во справувањето со заедничките предизвици и проблеми кои не се само политички, туку и економски и социјални, социјалните партнери и граѓанските организации имаат клучна и суштинска улога со нивното активно вклучување во Зелената агенда за Западен Балкан.Овој форум и натамошното вмрежување на граѓанските организации може да го даде дополнителниот придонес во градењето на капацитетите на граѓанските организации, а регионалната соработка, како и размената на експертиза, се во врвот на нашите владини политики за поддршка, рече Заев.
Владата успеа преку концептот на транспарентност, отвореност и отчетност да ги доближи институциите до граѓаните. Преку граѓанските организации, преку синдикатите и другите граѓански здруженија, тие се вклучени во процесите за креирање на сите владини политики.
-Тоа е нашиот начин на креирање политики, закони, стратегии кои одговараат на интересите и потребите на сите граѓани и да бидат соодветен одговор на предизвиците кои доаѓаат пред сѐ од последиците од климатските промени. Со граѓанското општество и бизнис секторот сме рамноправни партнери во овој процес. Покажавме посветеност за унапредување на сите столбови и процеси кои се дел од овие наши заложбите, рече Заев.
Како пример ги посочи активирањето на социјалниот дијалог уште во раните фази од ковид пандемијата за ублажување на последиците по здравјето на граѓаните и за зачувување на работните места, за праведната транзиција од фосилни кон обновливи извори на енергија каде земјата е лидер во регионот, за социјалната правда како постојана борба за унапредувањето на нашето еднакво општество за сите,а посочи и на нашата зелена агенда и грижата за природните богатства.
-Набројав неколку, од многуте проекти, програми и политики кои кај нас ги врградивме во агендите наречени Акција 21 и Европа дома, кои се практично нашето европизирање на нашата земја, истакна Заев.
На форумот, организиран од ЕЕСК во соработка со Европската комисија, ќе учествуваат, меѓу другите говорници, и Криста Швенг, претседател на Европскиот економски и социјален комитет, Оливер Вархеји, еврокомесар за соседство и проширување, кој ќе се обрати виртуелно, како и Гаспер Довжан, државен секретар во Министерството за надворешни работи на Словенија.
На форумот ќе се дискутира за тоа како да се подобри процесот на пристапување – веродостојна ЕУ перспектива за Западен Балкан, пост-ковид закрепнување – предизвици и можности на Економскиот и инвестицискиот план за Западен Балкан и Заедничкиот регионален пазар
Меѓу темите за коишто ќе се разговара ќе бидат и придонесот на организициите од граѓанското општество (ОГО) за Зелената агенда и одржливиот развој на Западен Балкан како дел од пристапниот процес во ЕУ, како и состојбата на социјалниот дијалог и граѓанскиот простор на Западен Балкан.