Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, го оцени денеска како национал-популистички концептот на коалициските партнери од ДУИ за прв премиер Албанец во Северна Македонија, при што изрази увереност дека тој ќе се врати на чело на Владата и нагласи дека неговата партија е промотор на концептот „едно општество за сите“.

Одговарајќи на новинарско прашање дали би го прифатил ултиматумот од ДУИ доколку новата влада не може да се формира без оваа партија, Заев рече дека СДСМ не би прифатил такви ултиматуми, а тоа не треба да го прави ниту ВМРО-ДПМНЕ.

„Секогаш имало преговори меѓу партиите, но не треба да има ултиматуми. СДСМ првпат изнедри мултиетничка коалација во државата и ние сме основоположници на концептот ‘едно општество за сите’. СДСМ е растоварен од предрасуди по која била основа. Ние имаме функционери од сите етнички заедници во земјава. Граѓаните треба да ги гледаме како кадарни, искрени, чесни… а не како припадници на одредени заедници. Затоа би ја посоветувал ДУИ да поработи на тоа да добие и македонски, бошњачки, турски гласови… И ВМРО-ДПМНЕ може да се потруди да добие албански гласови. Но ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ќе останат заедно во опозиција. Со ваков наратив, ДУИ си помага да замине во опозиција, што ќе биде здраво за реформирање на партијата“, изјави Заев.

Заев оцени и дека концептот на техничка влада повеќе од проблематичен за граѓаните и државата, отколку што е од полза.

„Техничката влада, по две проби во 2016 и 2020 година, навистина покажува дека повеќе е проблем за државата и граѓаните, отколку што е предност. Самата смисла на нејзиното постоење е да спроведе избори. Но за  кај нас се случи кризата со коронавирусот и видовме како еден министер за внатрешни работи знае да направи проблеми со своите изјави, со своите постапки, со своето политиканство, управуван од центар на опозициската партија, само да се искористи тоа за гласови и избори и за ништо друго“,

нагласи Заев.

Политичка влада, како што посочи, значи одговорна влада која носи одлуки и одговорност.

„Верувам дека во иднина, доколку постои согласност од сите, ќе го укинеме тој концепт на техничка влада пред изборите и ќе се најдат други алатки како тоа опозијата да биде сигурна дека изборите ќе бидат фер и демократски “,