Груевизам до доцна во ноќта, барање против секоја логика, против правдата, против ЕУ и НАТО, против граѓаните, вредностите, стандардите и принципите, вака премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција го оцени исходот од синоќешната лидерска средба и единствениот услов, кој, како што рече, го поставил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
-Разочаран сум од исходот на лидерската средба и од однесувањето на Мицскоски и ВМРО – ДПМНЕ. Имав некоја надеж дека е можно да ја сменат матрицата и да излезат од заложништвото на своите претходници. Но, за жал, тоа не се случи. Колку и да бидеме ние попусливи и копромисни во преговорите, на крајот, секојпат, постојано, кај Мицкоски сé се сведува на едно барање – амнестија или уништување, запирање и крај на случаите од претходниот режим. Се обидвме сé, да излеземе во пресрет на секое разумно барање или услови кои беа поставени, се потрудивме да гледаме низ очите на опозицијата, но се соочивме со невозможно барање – предметите на СЈО да дојдат под нивна контрола, на ВМРО – ДПМНЕ, со закон да се запечати судбината и да запрат сите предистраги и истраги, криминалот да го заташкаме. Тоа не смееме да го дозволиме, таа црвена линија не смееме да ја поминеме, рече Заев, додавајќи дека правда и правна држава мора да има и ќе има, нема компромис околу овие прашања.
Тој нагласи дека предметите од СЈО ќе продолжат да се процесуираат, но во суд, надвор од какво било политичко влијание, далеку од рацете на политичарите. Решението, пак, во однос на законот за обвинителството и натаму, единствено може да се бара во разговори со опозицијата.
-Се додека постојат шанси, треба да се остават отворени вратите за разговори. Секоја идеја, промисла или новина може да доведе до евентуално изнаоѓање решение. Во оваа прилика сакам и да апелирам, во пресрет на одлуката за добивање датум за преговори, опозицијата да увиди колку е важно да покажеме дека можеме да ги ставиме државните интереси над партиските. За кој било друг исход, освен добивање датум за преговори по сите напори, јасно е дека единствени виновници ќе бидат лидерот на ВМРО – ДПМНЕ и ВМРО – ДПМНЕ како партија. Таа одговорност ќе мора да ја прифатат, подвлече премиерот.
Власта, информира Заев, на лидерската предложила новото обвинителство да биде на исто ниво со обвинителството за организирал криминал и корупција. Дала, како што истакна, креативни решенија и предлози, можност опозицијата да се чувствува вградена во процесот и да верува во него. Но, на ВМРО-ДПМНЕ и било важно само да ги преземе предметите од СЈО, тие да дојдат во обвинителството чиј шеф ќе биде на нејзин предлог. Тоа е апсолутно недозволиво, потенцира премиерот, зашто не постои начин некој да гарантира дека токму тој шеф во еден момент нема да одлучи да ги поништи, повлече или одложи сите тие предмети.
-Жал ми е што Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ живеат заробени од страна на нивното претходно раководство. Тоа е мој впечаток. Не успеаја да видат дека сега е моментот сите да покажеме дека сме за правда и за правна држава. Целосно спротивно на принципот на правдата, бараат сите предмети од 30 јуни 2017 година да ги преземе обвинител избран од нивна страна. Се знае, со цел потоа да се доведат до уништување, запирање, заташкување, анулирање, затворање, да не се прецизира во законското решение што со предметите кои се во истражна или предистражна фаза. Ние понудивме формирање ново обвинителство кое ќе гони висока корупција, во кое првиот обвинител ќе се бира на предлог на опозицијата, но нив не ги интерсира борба против корупцијата, ги интересира да го спасат режимскиот криминал, истакна Заев.
Осигуравме, дополни, и сите предмети да преминат кај државниот јавен обвинител, Јовевски, независно во која постапка се. Практично, правдата да одлучува, не политичарите.
-Предложивме и Обвинителството за организирал криминал и корупција да остане како што е, не ние политичарите да менуваме обвинители на сред или почеток на мандат, Заев и Мицкоски да управуваат со обвинителството. Не. И тоа го осигуравме. Ново беше да се формира тоа ново обвинителство, за гонење висока корупцја, за да излеземе во пресрет на опозицијата, и да почне со истраги. Предлогот да дојде од опозицијата, да го бира Парламентот и на крај да го потврдува Советот на обвинители. Дававме право тоа обвинителство да биде финансиски независно и поддржано, и предлогот да дојде од опозицијата. И, да почне да формира случаи од сега натаму, но и од 2013, 2017 година зависно кога застарува некое кривично дело, да го гони и градоначалникот Заев од 2015 година или друга фигура од сегашната и претходната власт, да отвора предмети, појасни премиерот.
Одговорајќи на новинарски прашања во врска со барањето на ВМРО – ДПМНЕ за смена на обвинителката Русковска, објасни дека поединци не смеат да бидат пречка за ниту едно системско решение.
-Русковска води важни, актуелни предмети, но не може да го смените обвинителот ако тоа му текне на Заев или Мицкоски. Истрагата треба да трае до крај. Со евентуална смена на Русковска ќе пратиме порака дека се плашиме да не дојде до нас. Не е на политичарите да кажуваат каде води „Рекет“ или која било друга истрага, наше е да обезбедиме независна истрага, а не да кажуваме дали „Рекет“ води до Заев или Мицкоски, рече Заев.