Договорот од Преспа донесе решенија кои значат пријателство, прогрес и економија, заклучија премиерот Зоран Заев со грчкиот колега Киријакос Мицотакис на средбата во Владата во Атина.

Како што соопшти владината рес-служба, на средбата на која присуствуваа и вицепремиерите за европски и за економски прашања, Никола Димитров и Фатмир Битиќи, премиерите на двете земји констатираа напредок во досегашното спроведување на обврските од Договорот од Преспа од двете страни и изразија посветеност за целосна и непречена натамошна имплементација.

Во однос на евроинтеграциите на Македонија премиерот Мицотакис, се наведува, порача до премиерот Заев дека Грција секогаш ќе биде сојузник на кој граѓаните на Република Македонија можат да сметаат.

Заедничка беше констатацијата на премиерите дека Македонија не може и не смее да чека понатаму на европскиот пат и дека претпристапните преговори со ЕУ треба да почнат час поскоро.

Земјата покажа дека има сериозен капацитет да склучува и исполнува договори за пријателство, заклучија Мицотакис и Заев.

Дополнително на средбата беше подвлечено дека не е опција да се раздвојуваат Македонија и Албанија од аспект на почнување на процесот на преговори со ЕУ.

Поголем дел од состанокот, се наведува, премиерите на двете земји разговараа за искористување на потенцијалите за економска соработка, како и за деловните можности кои произлегуваат од соработката меѓу стопанските комори од двете земји. Премиерот Мицотакис истакна дека поради економски и геополитички причини Грција сериозно ја поздравува и поддржува одлуката на Македонија за инвестициите во гасните проекти Александруполи.

Во рамки на средбата, премиерот Мицотакис го извести премиерот Заев дека почнувајќи од утре, 14 мај, се отвора граничниот премин „Евзони“ за сите граѓани на Македонија кои имаат негативен ПЦР тест, писмен доказ за примени две дози вакцина против КОВИД-19 или позитивен резултат за антитела, стои во соопштението.