Јас се сеќавам на состанокот, секако. Беше за отворање простор за реализација на старечки домови во државата, тоа е составен дел и на Програмата и секако како и сите граѓани, така и г. Бојан Јовановски беше упатен на постапките согласно законот, одговори денеска премиерот Зоран Заев на новинарско прашање во врска со притворениот Боки 13 и аферата Рекет.
Заев беше прашан за средба што во јули лани во Владата ја имал со осомничениот во „Рекет“ Бојан Јовановски како претставник на Меѓународниот сојуз на која се разговарало за поддршка на план на оваа НВО за помош на ранлива категроија граѓани. Заев рече дека вратата на Владата е отворена за сите кои имаат добри идеи.
– Ние симболично ги тргнавме и оградите, буквално секој граѓанин се прима во Владата дали лично јас, дали мојот кабинет, советниците, министрите, сите, заради тоа што дефинитивно секоја идеја сакаме да ја преточиме во реализација кога гледаме дека се работи за добри идеи. Јас се сеќавам на состанокот, секако. Состанокот беше за отворање простор за реализација на старечки домови во државата, тоа е составен дел и на Програмата и секако како и сите граѓани, така и г. Бојан Јовановски беше упатен на постапките согласно законот. Тоа значи да се обезбеди локации во општините, регионите каде што тоа е возможно, да се аплицира со проекти, да се добијат одобренија за градби, МТСП го дава одобрението за старечки дом по стандардите кои треба да се исполнат и на тој начин, како и за секој граѓанин, така и на оваа средба беа објаснети условите за старечки домови. Владата секојдневно прима луѓе. Не ни е првпат да излегле случаи кога тоа се злоупотребувало, но за тоа постојат истраги. Истрагите треба да ги утврдат сите докази, да ги кажат сите аргументи и секако секој што се огрешил по закон да си одговара согласно законот, изјави Заев.
Тој ја коментираше и средбата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со унгарскиот премиер Виктор Орбан во Будимпешта.
– Средба на лидери на политички партии од десницата која може да придонесе за зацврстување на македонско-унгарското пријателство.
Така ја оцени вчерашната средба во Будимпешта.
– Ова за мене е многу логично. Се работи за двајца претседатели на политички партии од десницата. Тие се членки на ЕПП и логично е да се среќаваат. Секако убаво е да се поделат сите детали со јавноста како што тоа е обврска на сите јавни личности од таквите средби. Јас верувам дека таа средба може да придонесе кон зајакнување на пријателството помеѓу РС Македонија и Република Унгарија, изјави Заев одговорајќи на новинарско прашање при денесшната посета на Битола.
Прашан за коментарот на Никола Груевски на Фејсбук дека „поради случувањата во земјава држава му идело да му помогне на Заев, премиерот рече дека Груевски најдобро би помогнал кога би се вратил во земјава за да си ја отслужи казната.
– Мора да дојде. Нека дојде. Треба помош во државата. Помош во државата е и кога ќе си ја реализирате казната. Се е помош. Сите испраќаме порака на одговорност со се, заради тоа можам да испратам навистина двосмислена порака – нека се врати дома, кажа Заев.