Непринципиелната позиција на Бугарија го спречи одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ за почетокот на преговорите, истакна вчера премиерот Зоран Заев на панелот кој го организираше американскиот тинк-тенк Атлантски совет на тема „С. Македонија на прагот на Европа“

– Нашиот став е дека пријателите не треба меѓу себе да се блокираат. Напротив тие треба си помагаат. Бугарија мора да разбере дека имаме суверено право да се определиме и чувствуваме како Македонци кои зборуваат македонски јазик, а со тоа да се почитуваат и сите европски идентитети кои ги имаме во нашата земја. Сметам дека нивниот сегашен став е анахрон и е спротивен на меѓународното право. Ние како држава ќе продолжиме да ги правиме сите напори да постигнеме надминување на проблемите, притоа почитувајќи се себе си и останатите. Нашата држава е Европа во мало, нагласи премиерот Заев.

Заев потенцираше дека за некои теми нема и не може да се дискутира.

– Преку некои наши црвени линии не може да се помине. Бугарија разбира дека имаме суверено право, право на само идентификување да се чувствуваме како Македонци и да зборуваме на нашиот македонски јазик… Немаме претензии кон нашите соседи или други земји. Да бидам попрецизен – дискусија околу идентитетските атрибути и генезата на нашиот јазик е навистина анахрона и спротивна на европските и атлантските вредности и на меѓународното право. Немаме намера да дискутираме за тие теми, рече Заев.