Преку НАТО Центар за поддршка на домашните компании што од денеска ќе функционира во Министертсвото за одбрана, фирми од земјава ќе може да учествуваат на тендери за потребите на Северноатлантската алијанса, кои на годишно ниво изнесуваат 5 милијарди евра.

Премиерот Зоран Заев, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и заменик-министерот за финасиии Димитар Ковачевски денеска на прес-конференција во Министертството за одбрана истакнаа дека преку центарот компаниите имаат можност да учествуваат во постапките за набавките на НАТО и земјите членки.

– Членството во НАТО ни овозможи сигурност на безбедносен план, но носи и големи придобивки за економијата. Компаниите можат да аплицираат и да заработат од вкупниот буџет од 5 милијарди евра. Нашите компании се рамноправни со другите фирми од земјите членки на НАТО и пред нив има огромни можности за заработка, истакна Заев.

НАТО Центарот за поддршка ќе биде точка од која компаниите ќе ги добиваат сите информации за учество на тендерите. Тој, како што наведе Заев, нема да биде само бирокаратска алатка туку алатка која ќе им помага на фирмите.

– Компаниите имаат можност да станат деловен партнер на Алијансата, за што ќе добиваат сеопфатна поддршка. Државата ќе помага, но најмногу ќе зависи од подготвеноста на компаниите да се прилагодат и да учествуваат во тендерите на НАТО. Секој добиен тендер не е само поголем профит и сериозна референца за компаниите, туку и плус приход за нив и придонес за развој на државата, рече Заев.

Истакна дека имаме квалитет и цени со кои сме конкурентни, а се отвора можност и за ИТ-компаниите

– Ние сме дел од НАТО и не прифаќаат како доверлив партнер. Тоа отвора доплнителни хоризонти за земјата – како еднакава меѓу еднаквите, кажа Заев.

Шекеринска, пак, порача дека во НАТО центарот домашните компании ќе имаат поддршка, не само административна, туку и за успешно аплицирање на тендери и поврзување со светските гиганти кои веќе имаат договори со НАТО-агенциите, а имаат потреба и од добавувачи.

– Нашето членство во НАТО Алијансата сакавме да го гледаме и како шанса за зголемена ефикасност и мислам дека денешното отворање официјално на Центарот покажува дека навистина сме  ја зголемиле ефикасноста и на нашите институции. Со навистина многу добра соработка со Министерството за финансии успеавме во многу брз рок да се донесе законот којшто ни ја даде шансата да се формира Центарот и да се отвори процедурата за домашните компании, рече Шекеринска.

Информира дека веќе има и заинтересирани компании кои сакаат да ја почнат процедурата за учество во НАТО тендери.

– Нашата поддршка ќе биде сеопфатна и суштинска, и затоа ги охрабрувам домашните компании да се впишат во евиденцијата на економски оператори и да се здобијат со потврда којашто ќе ја издава Министерството за одбрана за исполнетоста на условите за учество во постапките на НАТО тендери. Сите информации можат да ги добијат на веб-страницата на МО, а ќе се настојува процедурата да биде наједноставна и најбрза, рече министерката за одбрана.

Членството на НАТО, посочи Шекеринска, треба да се искористи не само како поттик и зголемување на нашата безбедност, туку и како дополнителна шанса за економијата.

Заменик министерот за финансии Ковачевски најави дека ќе има интензивна соработка со стопанските комори и со компаниите на кои им стојат на располагање да им помогнат да се вклучат во тендерските постапки на НАТО, вредни пет милијарди евра на годишно ниво.

Тој укажа и дека искуството на сите земји членки покажало дека со вклучувањето во НАТО, покрај зацрврстување на безбедноста, се оставруваат и бројни економски бенефити за државата.