СДСМ и ДУИ воопшто не разговарале за заеднички кандидат за градоначалник на Скопје за октомвриските локални избори, изјави денеска премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев.
-Не, воопшто не е разговарано за таква работа за заеднички кандидат или компензации или нешто слично. Се работи за политичка платформа, перспективи, иднина итн, рече Заев по настанот во Штип.
Премиерот кажа дека се работи за нешто што претставува модернизација на коалицискиот партнер и потенцираше дека е логично да остави за деталите да зборуваат тие, а е во духот на тоа што го работиме како Влада.
-Како што ги презентиравме нашите промени како најголем партнер во нашата коалиција што се правеа со електронската евиденција, непосредното гласање, еднаквата застапеност на жените и мажите и поголема застапеност на младите во партијата, така и ДУИ ме информираа за оваа квалитативна и убава промена. Се надевам дека ќе постигнат нови успеси, заради тоа што навистина е еден модернистички пристап што ќе очекуваме утре сите да го слушнеме, истакна Заев одговарајќи на новинарско.
Единствено што кажа е дека се работи за политичката партија ДУИ и оти тоа што ќе го кажат е вредно за внимание.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети вчера го најави „големото изненадување“ што партијата ќе го соопштела в сабота. Најавата за „изненадувањето на Ахмети“ е објавено и на билборди, практика што ДУИ ја применува од порано, кога се најавуваше Албанец за премиер на Македонија.
Од вчера, откако ова го соопшти ДУИ, во медиумите почнаа да се вртат имиња за заеднички кандидат за градоначалник на Скопје, според едни Изет Меџити, а според други Имер Селмани.