Премиерот Зоран Заев преку својот профил на Фејсбук испрати апел до граѓаните да се не собираат дома за семејните слави, за да го зачуваат, како што вели своето и здравјето на другите. Овој апел стигнува на Задушница и еден ден пред православниот празник Митровден.
– Пред нас се зимските празници, традиционално придружени со семејни собири. Но, за жал, ние сме во најинтензивниот бран на ширење на коронавирусот. Од тие причини беа донесени и последните мерки и препораки за граѓаните да ги носат маските на отворено за лична и за заштита на другите и да не се групираат. Со приближувањето на зимските празници, апелирам да нема собирања по домовите. Да останеме скромни, воздржани и одговорни за време на славите и имендените оваа година. Тие ќе бидат тука и идната година, и тогаш, здрави и живи, ќе си честитаме и ќе прославиме согласно традицијата, порачува Заев.
Во подолгата порака додава:
– Оваа година да си посакаме здравје и живот, и „за многу години славата и вечно име“ преку телефон, со порака, со видео повик. Ништо нема да ја намали искрената желба што на тој начин ќе им ја упатиме на славениците и на домаќините за нивните домашни слави. Сите мора да прифатиме дека оваа ситуација ќе потрае, но со дисциплина околу мерките за заштита можеме значително да го успориме ширењето на вирусот и да се заштитиме.
Нема импровизации со заканите од ширењето на КОВИД-19. Тој што не ги почитува мерките за заштита го загрозува своето здравје и здравјето на своите блиски. Тој што ќе отстапи од нив и се однесува несериозно – загрозува живот. Да не си играме со здравјето и животот! Немаме друг избор освен секој од нас да биде одговорен и да го даде својот личен придонес да ја запреме оваа пандемија, за да дојдат моментите на стабилизирање и намалување на рестрикциите, додека не биде достапна вакцината. Во деновите на семејните празници да останеме дома, да не се групираме. Сите заедно да помогнеме и на себе и на нашите семејства. Да им помогнеме на лекарите, на медицинските сестри и на другиот медицински персонал, да ѝ помогнеме и на државата. Чувајте се, придржувајте се до мерките, останете дома и во добро здравје, порачува Заев во објавата на Фејсбук.
И така… си врви оваа година, во која треба да се заборават славите и имендените, но не и парламентарните избори, како и сега локалните за градоначалници во Штип и Пласница. Избори може, безбедно е, но славите се ризик!?