Премерот Зоран Заев очекува на вечерашната лидерска средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да биде покажана одговорност и да се направи обид за решавање на прашањето со Законот за јавното обвинителство.

За инсистирањето на опозицијата да се разговара и за предвремени избори, вели дека тоа е легитмно барање, но оти ова е неповторив период кога фокусот треба да се стави на полноправното членство во НАТО и почеток на пристапните преговори со ЕУ.

– Очекувам пред се одговорност. На крајот и граѓаните го очекуваат тоа од нас, а богами и ЕУ преку земјите членки на Европскиот совет чекаат секогаш да направиме некој чекор повеќе. Иако законот за јавното обвинителство не е дел од европскиот извештај по којшто се одлучува формално на Европскиот совет во средината на октомври, но треба да го отстраниме тоа прашање за случајно некому да не му биде, а на крајот на денот уште поважно заради граѓаните дома, очекувам одговорност. Не се нерешливи прашањава, само треба да бидеме одговорни пред системот, пред државата и секако пред граѓаните, изјави Заев

За барањето за предвремени избори кажа дека е легитимно опозицијата секогаш да бара нешто. Повтори дека прифатлив период за тоа би бил октомври 2020 година.

– Јас немам дилеми за секое прашање да разговараме. Нормално нашите ставови се се што е интерес на државата. Мислиме дека е ова навистина неповторливо позитивно време за нашата земја во кое  очекуваме датум за почеток на преговорите, полноправно членство во НАТО, треба да дадеме шанса и на правната држава и на економијата пред се и над се и затоа реков дека треба да тераме до крај на мандатот. Тие побараа предвремени избори, мојот коментар беше „Ок“ нека бидат крајот на октомври 2020 година, оти реално декември е навистина зима или слично, и стоиме на тие ставови. Ќе разговараме, не ги знам јас кои се аргументите за барање на предвремени избори, но ние се водиме од тоа што е навистина најдобро на државата, рече Заев.