Со донесување на Законот за јавното обвинителство Собранието на Република Северна Македонија, отвори ново поглавје во реформите на правосудствово. Ова го изјави вечерва претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во говорот пред присутните граѓани на маршот „Чекориме за правда”, одржан пред комплексот судови во Скопје. Тој рече дека во тек на нивното владеење Парламентот ги донесе законите за судски совет, за судовите, за јавни обвинители, за ЈО и целт лепеза на закони во правосудство.
– Огромно мнозинство од пратеници застанаа зад Законот за ЈО, кој е темел на градењето силна независна и ефикасна правна држава. Зад него застанаа 80 пратеници, зад него застанаа и граѓаните и стручната јавност, зад него застанаа нашите пријатели од ЕУ и САД. Со овој закон гарантирана е судска разрешница на сите започнати судски процеси и постапки иницирани од СЈО. Сите предмети имаат правна разрешница врз основа на фер и транспарентни постапки. На обвинетите ќе им се суди врз база на докази кои беа обезбедени низ долги постапки за што основни индиции беа прислушуваните разговори односно бомбите, рече поранешниот премиер Зоран Заев.
Тој додаде дека можело да има и побрзи пресуди ама требало да се јавува по судот.
“Можеше да има и побрза правда, ама требаше Заев да се јавува по телефони за да наредува пресуди. За тоа ли се боревме? Се боревме против политичари кои се јавуваа и нарачуваа пресуди. Ние го ослободивме судството и да знаат тие судиите и обвинителите дека тоа го сторивме“.
Тој уште истакна дека нема скриена амнестија за никого, ниту за стари, ниту за овие случаи. Секој што го прекршил законот, според Заев ќе се соочи со одговорноста, односно секој што допрва ќе го прекрши законот ќе се соочи од одговорноста.
– Нашиот народ е жеден за правда, за ефикасна правда, за брза правда, за правична правда. Она што исто така е важно е тоа што овој закон се гарантира дека политичарите нема да може да бираат и именуваат обвинители, ниту да одлучуваат за иднината на предметите. Ве уверувам нема веќе тефтерчиња, а тие што се виновни за старите тефтери ќе одговараат, изјави Заев.
Досегашното владеење на СДМС, како што потенцираше Заев, се докажа како успешно во градење на силни и независни институции.
– Со ова не само што чекориме кон правда, забрзано чекориме и кон интеграциите во ЕУ и затоа денеска дополнително се радуваме. Даваме аргумент плус пред нашите сојузници во Унијата во обезбедувањето на толку долго очекуваниот почеток на преговорите. Покажуваме дека умееме дека можеме да спроведеме реформи битни за граѓаните, битни за државата, битни за нашата европска иднина, истакна Заев.
После исполнување на реформите во правосудството и донесување на долгоочекуваниот закон, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кажа дека сега е ред на ЕУ и нејзините земји членки да ги исполнат ветувањата и конечно да ги отвори првите поглавја. Тој во својот говор не заборави да ја спомне и 2017 година кога СДСМ ја презеде власта, кога на дело се соочила со заробената држава, особено правниот сектор во нашето општество.
-Остатоците на сваровски судството наместо делители на правда беа нејзини кочничари.Тие остатоци свесно оставаа постапките да се развлекуваат, делата да застаруваат и да се избегне разрешница секаде каде што се може. Патот до правдата е спор и тежок, но сваровски судството на секој начин се обидуваше дополнително тој пат да го отежне, наведе Заев.
СДСМ вечерва во Скопје организираше Марш под мотото „Чекориме за правда“ со заложба за градење силно, независно и професионално обвинителство и судство.
Граѓанскиот марш почна пред Собранието на Република Северна Македонија, а заврши пред комплексот судови во Скопје. Лидерот на СДСМ во маршот беше придружуван од партиското раководство, а во него учествуваат симпатизери и поддржувачи на партијата.
– Ве повикувам сите правдољубиви луѓе пред Собранието на Република Северна Македонија, да чекориме во име на правдата. Ве повикувам да се приклучите кон Маршот „Чекориме за правда”. Заедно да чекориме од местото каде се изгласа Законот за јавно обвинителство – од Собранието, до местото каде треба да ги видиме конечните правни разрешници – судот!, напиша вчера Заев на својот фејсбук профил во повикот до граѓаните.
Дополнително Заев, рече дека единствени против донесување на Законот за ЈО, биле из извршителот Мицкоски, неговиот шеф Груевски и целото раководство на ВМРО-ДПМНЕ.