Владата останува силно посветена на стратешкото партнерство со САД, кое ќе продолжиме да го негуваме со нова енергија и решителност во создавање подинамичен економски раст, одржлив развој, модерно образование, ефикасна правна држава и силни институции за борба против корупцијата, истакна премиерот Зоран Заев денеска на средба со американската амбасадорка Кејт Мари Брнз.

Заев денеска ја прими амбасадорката Брнз во прва посета во новиот мандат, која му честиташе на премиерот а повторниот избор на оваа позиција и ѝ посака успешна работа на новата Влада во реализацијата на програмата со очекување за континуитет и продлабочување на соработката меѓу двете земји.

Заев на средбата истакна дека овој мандат започнува во сосема поинаков, многу подобар политички контекст, отколку во 2017 година, со обновена демократија, со решени спорови со соседите во година во која Македонија стана членка на НАТО и ги очекува преговорите со ЕУ.

-Соочени со здравствените и економски предизвици од КОВИД-19, кои остануваат во врвот на приоритетите,  убедени сме дека справувањето со пандемијата ќе заврши со успех, особено имајќи ја предвид досегашната соработка со САД и на останатите сојузници од НАТО за целата поддршка во хуманитарна помош и други материјали за време на кризата, истакна на средбата Заев.

Амбасадорката Брнз во разговорот со Заев истакна дека ова е прва нивна средба како НАТО сојузници и додаде дека нејзината земја е подготвена односите меѓу двете земји да ги подигнат на следно ниво со поддршка за директни инвестиции од САД, како и во соработката во сферата на енергетиката, дигиталната економија и кибер безбедноста согласно безбедносните стандарди на НАТО.