Прослава по повод поканата од НАТО за членство на Македонија во алијансата, ќе има во 15 градови во земјава, соопшти премиерот Зоран Заев во Брисел.
Прославата ќе се случува в сабота.
„Ве повикувам да прославиме заедно на 14 јули низ градовите. Со домашна музика да си честитаме затоа што Македонија оди напред“, рече Заев и додаде дека тој лично се радува за поканата.
Заев синоќа посочи дека Македонија станува дел од семејството, во куќата во којашто припаѓа. Одговарајќи на прашања, Заев нагласи дека Македонија во изминатите години постојано работеше на подигање на стандардите и на имплементација на вредностите што ги негува алијансата.
Во текот на вчерашниот, прв ден од самитот на НАТО, генералниот секретар, Јенс Столтенберг ја потврди поканата за нашата земја и рече дека Македонија ќе стане 30. членка на НАТО кога ќе бидат завршени сите национални процедури и договорот за името со Грција ќе биде комплетиран.
Нејасно е зошто после десет години, односно по Самитот во Букурешт во 2008 година кога беше кажано дека Македонија ќе добие покана кога ќе го реши името, а тоа потоа се повторуваше од самит до самит, не се славеше.
Испаѓа дека се слави евентуалната промена на името и на Уставот?!