Кога доаѓаа на власт беа најгласни дека додека немало правда немало мир, не се колебаа да ги злоупотребат семејните и другите лични трагедии. И не им беше тешко да уриваат, да уништуваат. Да деградираат цел еден систем. Отровот кој се посеа во општеството предизвика омраза, завист и нетрпеливост. Ветуваа чуда. А сега кога се на власт молчат за неправдите, ладнокрвните убиства ги третираат како статистичка евиденција во црните билтени, за владата тоа се обични насилства, а не свирепи убиства.

Ова се вели во обраќањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, во врска со актуелните настани деновиве

– Животот, личните трагедии, зацрнетите семејства не им се така атрактивни и важни како порано, нема да чуете анализа за тоа дека луѓе умираат во ходниците во болниците, додека пак здравството се уште е недопрено од животот кој толку многу го ветуваа. Нема да чуете ниту за тоа дека  има недостиг на инкубатори за бебиња во Гинеколошко акушерската клиника, за тоа дека плаќаме највисока цена на бензин, дека од сиромаштија умираат луѓе, за тоа дека над 800 криминалци ослободија, дека престрелките и физичките насилства се болното секојдневие кое што го мачат секој родител, секој еден човек, вели Мицковски.

Тој додава дека „се е поинаку од удобните кабинети и скапо платената пропагандна машинерија која забревтува пред налетот на суровата реалност која не може да се сокрие“.

– А одговорност, нема ни случајно. Нема затоа што немаат образ, ниту чест и достоинство. За власта зборот, не е збор, ниту делата реалност. Нема ниту датум за преговори со ЕУ, ниту безусловна покана за НАТО. А нема затоа што имаме неспособна влада. Мора да престанат поразите, а одговорот за тоа е секој еден од вас. ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се бори со сите свои сили против ова зло кое што го живее секој еден граѓанин, нагласува Мицкоски.

Тој додава дека ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со протести.

– Ве повикувам оваа недела во 13 часот во Кавадарци на протестен марш кој ќе започне од кружниот тек Сашко Гешковски до спомен плочата и паметникот во Кавадарци посветен на формирањето на првиот комитет на ВМРО, после Солунскиот. Македонија ќе победи, Македонија се буди. Ве чекаме, придружете ни се, порача Мицкоски.