Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски вчера понуди решение за деблокирање на Собранието на Република Македонија и одржување на седница на која ќе бидат донесени антикризните закони, а власта која не може да го собере своето тенко мнозинство ветува дека денеска „ќе бара решение за деблокада“.
Во Собранието за денеска е закажана седница за поставување пратенички прашања, којашто се одржува секој последен четврток во месецот. Друга седница засега нема најавено на собраниската веб-страна, иако јавноста очекува пратениците да се изјаснат за законите поврзани со антикризните мерки. Премиерот Зоран Заев најави дека денеска пред седницата за пратенички прашања ќе се сретне со претседателот на Собранието Талат Џафери и со лидерот на ДУИ Али Ахмети за да се разгледаат одредени можности што стојат на располагање за деблокирање на Парламентот.
Владејачкото мнозинство во Собранието во моментот брои 62 пратеници, а двајца од нив беа позитивни на Ковид-19. Поради тоа мнозинството не може да обезбеди кворум за работа и да се гласа за одредени закони, доколку опозицијата не присуствува на седниците. Дополнително, пратеничката група на Алијанса за Албанците и Алтернатива со над 32.000 амандмани блокираат 20 закони, меѓу кои и одлуката за продолжување на кризната состојба со околу 400 амандмани, поради неподдршката за нивниот Закон за државјанства.
Пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ побара посебна седница за антикризните закони и одлуката за продолжување на кризната состојба на северната и јужната граница, но тоа за претседателот на Собранието Џафери е неприфатливо и тој остана на ставот дека пратениците треба најнапред да го изгласаат дневниот ред на 36. седница и притоа да се утврдат приоритетни точки за гласање. Пред седницата за пратенички прашања денеска Џафери треба да одржи брифинг со новинарите, на кој можеби ќе соопшти нови информации во врска со можноста за деблокада на Собранието.
Премиерот Зоран Заев вчера од Велес најави дека денеска ќе се сретне со претседателот на Собранието Џафери, како и со лидерот на ДУИ Али Ахмети, со цел да се разгледаат одредени можности што стојат на располагање за одблокирање на Собранието.
Изрази надеж дека блокадата на Парламентот е од времен карактер поради позитивни пратеници на Ковид-19, по чие враќање ќе се стави во функција Собранието за поголем дел од точките на дневен ред и поважните закони.
-Еден дел од важните закони за жал се изблокирани. Горчината што ја носиме сите ја носам и јас. Да се блокираат законите што живот значат за помош за последиците од пандемијата е навистина неразумно и верувам дека ќе има разумност. Во четврток се пратенички прашања во Собранието. Јас ќе одржам состанок со претседателот на Собранието, веројатно и со претседателот на ДУИ да разгледаме одредени можности што ни стојат на располагање за да го одблокираме Собранието, рече Заев.
Со цел деблокада на Парламентот, Заев посочи дека сите опции се на располагање, од средби на координатори на пратенички групи па се до лидерска средба и вонредна состојба, како што нагласи, „за да се ослободат институциите да носат одлуки што се од животно значење за нашиот народ“.
-Утре ќе ја направам консултацијата, дали во Собранието, дали во Клуб на пратеници, сакаме да најдеме решение. Опозицијата кажа причини за блокирање. За албанската опозиција тоа е Законот за државјанство. Сите сме за Закон за државјансто, и македонската опозиција и македонската владејачка партија и албанските владејачки, сите сме. Треба да го најдеме начинот според европски стандарди и принципи и механизми. Да ги најдеме доказите како да им дадеме државјанство на тие наши граѓани, рече вчера Заев.
Претходно лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара денеска пред да почне собраниската седница за пратенички прашања да се закаже седница со дневен ред со четирите закони кои се од интерес за граѓаните, стопанството и поврзани со кризната состојба, потенцирајќи дека „иако поддршката од Владата е мала и недоволна за фирмите и граѓаните, сепак истата ќе биде поддржана од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ“.
-Пред точно 21 ден Зоран Заев побара да се гласа доверба на неговата Влада, но не побара на истата таа седница да се гласаат законите за помош на стопанството и граѓаните, кои се недоволни, но сепак подобро нешто отколку ништо. Тие закони се во собраниска процедура уште од месец февруари, но долго време не се ставаа на дневен ред поради тоа што Владата немаше во буџетот пари, а тоа пак е последица на расипничкото и недомаќинско работење и помешаните приоритети. И втората причина е што за оваа нивна слабост сега сакаат да ја обвинат ВМРО-ДПМНЕ. Ова доаѓа од истите на кои поважно им беше да се пофалат дека имаат поддршка од 62 пратеника, која во овој момент ја немаат, и да го покријат фактот што ги потрошиле парите во буџетот па мораа дополнително да се задолжуваат, пишува Мицкоски на Фејсбук.
Павле Трајанов од Демократскиот сојуз во соопштение до медиумите укажа дека поради исклучително сложената и тешка здравствена состојба, немање на вакцини за имунизација на населението, како и последиците по бизнисот, потребно е Парламентот веднаш да профункционира, во спротивно се повеќе се јакнат идеите за прогласување на вонредна состојба.