Северна Македонија не бара веднаш да стане членка на Европската Унија, но сака по сите вложени напори да и се овозможи отворање на претпристапните преговори, порача премиерот Зоран Заев денеска во своето обраќање на последниот ден од тридневниот Форум „Европа Вахау“, кој се одржа во Гетвајг во Австрија.
Во фокусот на дискусијата на последниот ден од форумот, кој почна завчера, беа перспективите на Западен Балкан во однос на неговата целосна интеграција во Европската унија, при што учесниците, меѓу кои и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, заклучија дека за регионот клучна е веродостојната европска перспектива.
Заев нагласи дека Скопје не гледа никаква алтернатива за полноправното членство во ЕУ.
-ЕУ за нас е атрактивна и таа не мотивира. Досега сторивме многу и веруваме во Европа. Го сменивме името и го сочувавме идентитетот, појасни тој.
Еврокомесарот за проширување, Хан изјави дека заедницата на Европа е можна само со прием на сите земји од Западен Балкан.
Според Хан внатрешноевропскиот процес на обнова и процесот на проширување, кои како што појасни ќе траат со години, треба паралелно да се одвиваат. Меѓутоа укажа дека за такво нешто е потребна политичка волја.
Претседателот на австриската покраина Долна Австрија, Јохана Мики Лајтнер порача дека на регионот треба да му се даде веродостојна европска перспектива.
-На земјите од Западен Балкан треба да им се помогне во нивната обнова, а со државите како што се Северна Македонија и Албанија треба да се почнат претпристапни преговори, нагласи таа.
Мики Лајтнер, некогашна министерка за внатрешни работи на Австрија, изјави дека е неопходно да се понуди веродостојна и конкретна перспектива тие земји да можат да станат членки на Унијата.
Според неа постојат само две можности – регионот да се препушти на Кина, Русија или некој друг или да стане дел од европското семејство на вредности.
-Откако кандидатката ќе ги исполни сите критериуми во однос на владеењето на правото, слободниот пазар и почитување на човековите права, не смее да има одложување и погрешни компромиси, додаде таа.
Австриската канцеларка Бригите Бирлајн потсети на отворањето на границите пред 30 години и пристапување на Австрија пред 25 години, оценувајќи го тоа како важна историска пресвртница.
Австрија, според неа, ја докажала стабилноста и доследноста во европската политика.
-Европа е пред големи предизвици, кои мора заедно да ги совладаме. Австрија е подготвена да даде свој придонес, додаде Бирлајн.
Претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани изјави дека е неопходно заедничко изјаснување за силна и заедничка Европа.
Важна основа за тоа е јакнење на принципот на субсидијарност, заедничка надворешна политика, единствена политика кон мигрантите, како и заеднички буџет и повеќе пари за истражување и иновации.
Тајани заклучи дека стабилноста на Балканот значи и поголема стабилност за Европа.