-Како претседател на Влада посветен сум за соработка со сите општини. Со Арачиново посветувам малку повеќе внимание затоа што е рурална општина, а е една од поголемите. Досега имаме направено голем број приклучоци за вода, реализиравме проекти во неколку училишта за нивно возобновување, а се гради и нова општинска зграда… Го направивме резервоарот за вода во село Орланци, а работиме и сме при крај на приклучокот на водоснабдителниот систем на градскиот водовод, каде „Водоводот Скопје“ го обезбедува доволниот квантум на вода, а со самата проектна документација веќе почна да финансира Министерството за транспорт и врски од Програмата за водовод и канализации, рече Заев одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на 31. бензинска станица на Лукоил на влезот во скопско Арачиново.
Премиерот потсети дека една ипол година имаат градоначалник на Арачиново и оти во просек за изработка на проект за канализација на големо подрачје како што е Арачиново потребни се помеѓу една до две години.
– Со новата кредитна линија од 55 милиони евра еден од приоритетите се сите рурални средини, како и Арачиново. Верувам дека до крајот на мандатот на градоначалничката Халими ќе го реализираме и проектот за водоводот и канализацијата, бидејќи симболот беше „Не ни треба кантонизација, ни треба канализација“. Јас никогаш нема да го заборавам тоа, затоа што и тоа помогна во концептот „Едно општество за сите“. Верувам дека работиме како што е редот – проектна документација, надзор, ревизија на самиот проект, одобрение за градба, обезбедување финансиски средства и имплементација на самиот проект, рече Заев.
Тој додаде дека во Арачиново имаат направено многу тротоари, улици, имаат помогнато за црквата и џамијата, но за жал, како што додаде, нивото на развој претходно беше на многу ниско ниво.