Референдумот ќе биде на 23 септември, 30 септември или 7 октомври, а целта е до 15 јануари да се завршат сите предвидени обврски, вели Зоран Заев во интервјуто за грчката државна телевизија ЕРТ, а пренесува МИА.
Тој објаснува дека референдумот ќе има обврзувачки карактер, ќе биде прифатен од сите, па дури и од претседателот Иванов. Одговарајќи на прашањето кои се роковите за македонската страна Заев вели дека целта која што е поставена кај нас е 15 јануари.
– Ако биде порано, тоа е добро. Дури сакаме да завршиме пред божиќните празници кои што се слават, дури и пред Нова година и во тој аспект затоа оставаме некои 3 месеци. Согласно нашиот Устав и законите ни се потребни некои стотина дена. Затоа 15 јануари е поставен. Со успешниот референдум јас сум убеден дека сите во парламентот ќе го послушаат народот што кажува на референдум и така ќе гласаат. Тоа денеска го добиваме како порака дури и од претседателот на државата, господинот Ѓорге Иванов дека ако референдумот е успешен, секако и тој ќе ги поддржи и договорот со Грција и сето она што е следна фаза, а и опозицијата исто така. Секако има различни ставови, тоа е демократијата, но после референдумот кај нас се уставните промени, па очекуваме грчкиот парламент да го ратификува договорот кој што го направивме двете земји, а после тоа да продолжи и ратификацијата на протоколот за членството во НАТО, вели македонскиот премиер.
Заев објаснува дека по НАТО Самитот на 12 јули ќе се отвори и дебатата за референдумот кој ќе биде на 23 септември, 30 септември или 7 октомври за потоа да има период од 3 месеци за уставните промени. Тој изразува убеденост дека референдумот ќе биде успешен, бидејќи „нашите граѓани сакаат пријателство со Грција и сакаат интеграција во ЕУ и НАТО“ и ги открива можните прашања.
-Народот убеден сум дека ќе биде за договорот со Грција затоа што прашањето веројатно ќе биде „Дали сте за ЕУ и НАТО и за поддршка на договорот со Грција“, веројатно во тој правец ќе биде затоа што, кај нас едно со друго е поврзано и во таков аспект, граѓаните кога ќе дадот својот глас, политичарите, владата, парламентот, претседателот на државата сме должни да го почитуваме. Или прашањето можеби ќе биде дали сте за Европската Унија и НАТО, поддржувајќи го името Република Северна Македонија“, заради тоа што тоа е договорот. Верувам дека граѓаните ќе бидат целосно позитивни, објаснува Заев за ЕРТ и вели дека референдумското прашање сите политичари и власта и опозицијата и претседателот Иванов ќе ги стави во позиција да ги послушаат граѓаните.