Премиерот Зоран Заев очекува на денешната седница на Владата да добие целосна информација за тоа што точно се случило во МНТ по реакциите во јавноста откако беа објавени видеа за несоодветно однесување на навивачка група и порача дека ако се утврди оти имало вандализам тоа треба да го осуди секој.

-Денеска имаме Влада, јас ќе очекувам информации директно на Владата да бидеме информирани од ресорното Министерство за култура, но и секако и од организаторот, потпретседателот на Владата и министер за политички систем, точно што се случило, односно секој што може да ни даде информација за да може да ја информираме точно  јавноста како се случил настанот, кој е одговорен за тоа и дали има штети или не, тоа што јавноста сака да го дознае, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по трибината со здравствените работници.

Според Заев, треба да се почека извештајот за тоа што точно се случило. Ако има вандализам секој треба да го осуди, а ако немало вандализам  нема што да се осуди нормално, да го почекаме извештајот, рече Заев, прашан за коментар на тоа дека министри од ДУИ не го осудиле вандализмот и рекле дека станува збор за прослава.