Резултат ќе даде само прочистување на судии и обвинители, а друго решение кое преостанува е јас да се кандидирам за шеф на правосудството, рече денеска премиерот Зоран Заев.

Тој ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање за одлуката на Апелациониот суд за укинување на притворите за Сашо Мијлков и Мендух Тачи во случајот „Титаник 2“.

Заев нагласи дека веднаш треба да почне прочистувањето на чесните од нечесните судии и обвинители и само така ќе се вратела довербата на граѓаните во правосудството.

– Тоа не е ветинг, зашто ветинг прави Албанија. Треба да се направи прочистување со кое сите оние чесни судии и обвинители, ќе се одвојат од оние кои се нечесни или не треба повеќе да работат во правосудството. Можеби се чесни, но имаат судир на интереси. Некои може немаат судир на интереси, но имаа материјална состојба која е индикативна за самите процеси. Немешајќи се во судските одлуки, само процесот на прочистување ќе даде разултат. Друго што останува е да се кандидирам за шеф на правосудство, ама јас не бев кандидат за шеф на судството, туку за премиер, изјави Заев.

Тој додаде дека чека да го види образложението на Апелацискиот суд зошто случајот „Титаник 2“ е вратен на повторно судење.

Како што е веќе познато, не така одамна, двапати аболицираниот Заев ја убедуваше јавноста дека реформите во судството одат одлично и дека правосудството го „отворил како пупка“.