Избор на шеф на кое било јавно обвинителство на предлог на политичките партии, вклучувајќи ја опозицијата е решение кое отвара врата за политизација во јавнообвинителскиот систем, им препорачаа членовите на Советот за имплементација на Стратегијата за реформи во правосудството на политичките партии и пратениците во Собранието на денешната тринаесетта седница на Советот на која беше презентирана информација за разговорите за обезбедување мнозинство за донесување на Законот за Јавното обвинителство.

– Постапка во која политички партии, односно опозицијата би предлагала јавен обвинител, може да обесхрабри квалитетни обвинители да се јават на конкурсот за шеф на обвинителството. Поради тоа, Советот препорачува да не се прави исклучок за било кое јавно обвинителство и да се задржи уставниот принцип Советот на јавни обвинители да ги избира шефовите на јавните обвинителства, соопшти владината прес-служба.

Министерката за правда, Рената Дескоска, информирала за текот на разговорите, за решенијата за статусот на обвинителството надлежно за гонење висока корупција, за прашањата поврзани со Специјалното јавно обвинителство, за критериуми за избор на обвинители и за други прашања отворени за време на разговорите.

Инаку, Советот, освен Заев, го сочинуваат и министерот за правда, заменик-министерот Оливер Ристовски, јавниот обвинител на РМ Љубомир Јовески, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, народниот правобранител Иџет Мемети, претседателот на Здружението на судии и судија на Врховниот суд Џемаили Саити, судијката Мирјана Радевска-Стефкова од Врховниот суд на РМ, Лидија Димчевска од Апелациониот суд во Скопје, Шефајет Хајдари од Апелациониот суд во Гостивар, Антонио Јолевски од Основното јавно обвинителство во Битола, Ристе Бојаџиски од Основното јавно обвинителство во Штип, Иван Џолев, претседател на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, Илир Сулејмани, претседател на Основниот суд Скопје 2 – Скопје, адвокатот Александар Тумановски како претставник на Адвокатската комора на РМ, д-р Гордана Лажетиќ, редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, д-р Беса Арифи, вонреден професор на Универзитетот на Југоисточна Европа, Жарко Хаџи-Зафиров, претставник на Блупринт групата на граѓански асоцијации за правосудство, д-р Миодраг Лабовиќ, професор на Факултетот за безбедност – Скопје, при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, адвокатите Звонко Давидовиќ од Скопје и Ибраим Бајрами од Тетово, Магдалена Несторовска, како претставник на Министерството за внатрешни работи, Марија Митевска од Министерството за финансии и Џелал Бајрами од Јавното обвинителство на РМ.