Поранешната министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, денеска во интервју за БГНЕС порача дека странските амбасадори виделе и слушнале како во Скопје 20-илјадитна публика ја исвиркува бугарската химна на фудбалскиот натпревар што се играше во понедленикот.

Захариева е носител на една од изборните листи на ГЕРБ, партија која има највисок рејтинг во Бугарија пред парламентарните избори.

– О да. Мора да сме наивни да мислиме дека Брисел не ја разбира нашата загриженост. Урсула фон дер Лајен тешко дека ќе заборави како ја пречекаа во парламентот на С. Македонија – со плакати „Предавници на народот“, „Народот рече НЕ, свестете се“, „Јазикот е идентитет“, „Деца на Заевизмот, вие го враќате фашизмот“. Што е со францускиот претседател, што со комесарот за проширување? Одамна антибугарскиот бран стана антиевропски. Сите знаеме кој има интерес од ова, кој не сака С. Македонија да влезе во Европската Унија и кој сака Балканот да остане нестабилен, вели Захариева.

Таа натаму продолжува:

– Зарем не мислите дека европските амбасадори во Скопје пред неколку дена не видоа како на трибините на нивниот стадион публиката ја исвиркува нашата химна и ги навредува нашите фудбалери. Видовте ли такво однесување во Разград кога бевме домаќини на нивната фудбалска репрезентација?- прашува Захариева.

Таа во интервјуто на БГНЕС бара да се отвореле полициските архиви:

Едно мора да им биде јасно на политичарите во Скопје, Европската унија гарантира подобар живот за нивните граѓани и тие го сакаат токму тоа, но наместо да одат по патот на добрососедството, тие се уште се жртви на комунистичката југословенска пропаганда на омраза кон Бугарија. Затоа сакаме оваа земја да ги отвори своите архиви на тајните служби, да се исчисти од поранешните комунистички полициски агенти во нејзините редови, да го отстрани јазикот на омраза од учебниците и медиумите. Никој не ги бира соседите, па затоа е смешно и одвратно да се живее вака – во омраза. А кој и да го поттикне тоа ќе биде најстрого казнет, ​​ако не сега, тогаш во историјата, вели Захариева.