Нашата поддршка на евроинтеграцијата на С. Македонија никогаш не била безусловна – има еден многу јасен услов, а тоа се добрососедските односи, изјави вицепремиерката и шефица на дипломатијата на Бугарија, Екатерина Захариева.
– Не постои начин да се стремите да станете член на ЕУ и да имате нерешени билатерални односи. Тоа не е само бугарски критериум, туку еден од критериумите за членство во ЕУ – пријателски и добрососедски односи, рече Захариева во изјава за бугарската ТВ Нова.
Според неа, историскиот дел меѓу Скопје и Софија е потешко прашање од спорот за името што беше решен со Договорот од Преспа.
– Преспанскиот е билатерален договор. Не е лесно да се смени името на вашата земја, но историскиот дел меѓу Бугарија и Македонија е потежок. Целиот идентитет и историја од постоењето на РС Македонија од 1944 година е заснован на делови од нашата заедничка историја, истакна Захариева.
Таа вели дека Договорот за пријателство во кој е предвидена соработка во економијата, туризмот, инфраструктурното поврзување, културата, образованието,…, дава резултати.
– По потпишувањето на Договорот за добрососедство, само за девет месеци трговската размена е зголемена за 13 отсто, но би сакала да видам повеќе бугарски медиуми во Македонија. Во областа на културата се организираат заеднички фестивали, театарски претстави и друго. На располагање се средства за Коридорот 8. За жал, потребно е време. Наскоро ќе почне и проширувањето на граничните премини. Целта е од Софија до Скопје да се стигнува за два и пол часа и луѓето да бидат заедно. Сепак, не треба да ја потценуваме историјата, изјави Захариева.
Но, нагласува шефицата на бугарската дипломатија, за да се решат отворените прашања нема да помогне ниту тврдата, ниту меката дипломатија, туку мора да има баланс и соработка.