Бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева денеска оствари телефонски разговор со словенечкиот министер за надворешни работи Анже Логар. Двајцата дипломати разговарале за развојот на пандемијата со Ковид-19 и акциите за нејзино поефикасно решавање, вклучувајќи ги во тој контекст и дискусиите на неодамнешните состаноци на лидерите на ЕУ и министрите за надворешни работи, се наведува во соопштението на прес-службата на бугарското Министерство за надворешни работи.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Захариева и Логар разговарале и за низата „анализи“ објавени од словенечката невладина организација Меѓународен институт за Блискоисточни и балкански студии, чија цел е дискредитација на Бугарија со лажни и манипулативни информации.

ИФЕМЕС инаку со години е поддржувач на Заев, посебно во времето на Шарената револуција, а на Катица Јаева и додели и некаква плакета за најдобар обвинител.

Логар ја уверил Захариева дека словенечката Влада не ги користи анализите на институтот.

Захариева, пак, за време на разговорот истакнала дека солидарноста е најдоброто оружје против јавните кампањи за дезинформации и говор на омраза, кои служат за интересите на земјите што не се членки на ЕУ и имаат за цел да и наштетат на Унијата. Таа, исто така, коментирала дека очекува Софија и Љубљана заеднички да работат за европска интеграција на регионот за време на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ, во втората половина на 2021 година.