Над 100.000 граѓани во Македонија имаат и бугарско државјанство и тие се заплашувани, изјави денеска вицепремиерката и министерка за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева.
-Недопустливо е во 21 век некој да не го признава правото на самоопределување, изјави Захариева за БНТ.
Таа предизборно одговараше на политички прашања на новинарот кој сподели анкета од гледачите на која од 25 дури 24 луѓе рекле дека спорот со Македонија нема да се реши. Захариева рече дека Бугарија има доследна политика и побара правда за Бугарите во Македонија.
-Ние сме многу доследни во политиката. Некои луѓе таму беа многу изненадени што кажавме „не“ за преговарачка рамка. Позицијата на Бугарија сепак е иста од 2019 – сметаме дека има забавено исполнување или недостиг на исполнување на задачите од македонска страна на Договорот за добрососедство со Македонија. Претходно имаше раздвижување во сите сфери, но од почетокот на 2019 година од кога станаа членка на НАТО почна недоследно исполнување, рече Захариева.
На прашањето за бугарските државјани рече дека тие 100.000 луѓе во Македонија често се заплашувани.
-Ние реагираме за секој случај и се надеваме дека тоа нема да се повторува. Над 100.000 граѓани имаат и бугарско државјанство и понекогаш се заплашувани. Сепак недопустиво е во 21 век да не се признаваат права на самоопределување, рече Захариева.