Одговорот на Москва на присвојувањето на рускиот имот ќе биде жесток, а иницијаторите на процесот на кражба на имот ќе бидат третирани како крадци со сите последици што ќе резултираат, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
„Одговорот ќе биде исклучително жесток, без можност да се види каде нешто може да се ублажи. Ќе биде даден жесток одговор“, нагласи Захарова во интервју за каналот „Соловјев во живо“.
Според неа, западните земји со своите постапки се обидуваат да ги надоместат трошоците за одржување на „крвавиот украински конфликт и режимот во Киев“.
Захарова истакна дека тоа е кражба, „присвојување за себе она што не ви припаѓа“.
„Со оглед на тоа што нашата земја ова го оквалификува како кражба, односот ќе биде ист како и кон крадците. Не како кон политички манипулатори, не како разиграни технолози, туку како крадци. А, како треба да се постапува со крадците? Крадецот да седи во затвор, со сите последици што следат“, рече таа.
Претходно, Советот на ЕУ ја одобри одлуката за складирање на добивката од руските средства за нивна понатамошна употреба во интерес на Украина.
На 29 јануари, амбасадорите на Европската унија привремено го договорија предлогот на Европската комисија, приходите од реинвестирањето на замрзнатите средства на Русија да се користат „за обнова на Украина“.
Во декември, Европската комисија поднесе директива до Советот на ЕУ на одобрување која, како прв чекор во процесот на конфискација на приходите од реинвестирање на руски имот, повлекува обврска таквиот приход да се стави на посебна банкарска сметка. Потоа се очекува овие пари да подлежат на европски даноци околу 100 отсто. Планирано е даночните приходи директно да се префрлаат во буџетот на ЕУ. На овој начин, средствата ќе бидат повлечени за понатамошна употреба по дискреција на ЕК (на пример, за финансирање програми за поддршка на Украина). Засега, оваа директива не предвидува конфискација на руските финансиски средства. Во моментов, околу 200 милијарди евра од суверените средства на Русија се замрзнати во ЕУ.
Фото: ЕПА