Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова денеска реагираше на ставот на француското Министерство за надворешни работи дека реакцијата на полицијата на протестите во Москва била непропорционална, потсетувајќи дека во Франција во судирите меѓу полицијата и „жолтите елеци“ загинаа 11 лица.

Таа рече дека Париз не треба да ја учи Москва како се реагира на протести, особено ако се имаат предвид суровите методи на француската полиција спрема „жолтите елеци“.

– Министерството за надворешни работи на Франција е загрижено поради протестите во Москва. Таа иста Франција каде што доаѓаше до вооружени судири меѓу демонстрантите и полицијата и тоа според описите на самите Французи, напиша Захарова на Фејсбук.

Таа потсети дека за време на протестите на „жолтите елеци“ во Франција загинаа 11 луѓе, а 2.500 беа повредени, додека околу 9.000 беа приведени.

Захарова додаде дека француските власти ги примениле сите репресивни мерки, а дека шефот на дипломатијата во врска со тоа зборуваше дека „државата нема намера да го чува редот со зборови“.

– По сето тоа, не може Париз да не учи за каква било пропорционална реакција, нагласи Захарова.

За време на протестите во Москва се приведени речиси 1.400 лица.