Украина го доби она што беше договорено со договорот за извоз на жито, додека рускиот извоз на земјоделски производи се уште е блокиран поради санкциите од западните земји.

Ова го изјави денеска портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.

„Нашиот став генерално за пакетот предлог на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш е познат и останува непроменет“, рече Захарова, пренесува ТАСС.

Таа рече дека договорите потпишани во Истанбул на 22 јули 2022 година треба да се спроведуваат меѓусебно за да се реши кризата со храна и да им се помогне на ранливите земји во Африка, Азија и Латинска Америка.

„Забележуваме дека досега само украинскиот дел е ефикасно имплементиран, додека рускиот извоз на земјоделски производи сè уште е блокиран како резултат на едностраните санкции од Западот“, рече Захарова.

Договорот за извоз на жито, постигнат со посредство на ОН и Турција во јули минатата година, кој е од витално значење за снабдувањето со храна во светот, истекува на 18 март.

Со цел да се убеди Русија да дозволи Украина да продолжи да извезува жито од Црното Море, минатата година беше постигнат договор во кој ОН се согласија да помогнат во олеснувањето на извозот на руска храна и ѓубрива.

Западните сили воведоа остри санкции кон Русија поради инвазијата на соседна Украина на 24 февруари минатата година.

Следната рунда преговори меѓу руската делегација и високиот трговски претставник на ОН, Ребека Гринспен, ќе се одржи во Женева на 13 март, најави Захарова.

Таа додаде дека е запознаена со изјавата на Киев за продолжување на договорот, но дека руските претставници се уште не учествувале во никакви преговори.

„Немаше преговори на оваа тема, особено со учество на руски претставници“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи.

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, пред три дена оцени дека клаузулите од договорот наменети за Русија „воопшто не се применуваат“ и дека „прашањето за продолжување станува доста комплицирано, доколку договорот биде половично имплементиран“.