Скопје, 10 септември 2020 (МИА) –Санкциите ќе продолжат, никој нема да биде амнестиран. Јавно апелирам до сите, тоа е наредба и на Владата, дека секоја казна мора да има конечна ефектива, да биде платена. Повторувањето на казните повлекува кривична одговорност, бидејќи тоа може да биде со последици за околината. До крај максимилизација на санкциите на сите што не ги почитуваат мерките. Некојпат е здраво да има санкција посебно кога се работи за здравјето.

Ова вечерва го нагласи премиерот Зоран Заев во интервју за Националниот телевизиски сервис (поранешна МТВ, н.з.), каде прашања му поставуваат уредници и новинари од повеќе медиуми.

– Надежта ми е кај граѓаните дека ќе ги почитуваме мерките, колку помалку почитуваме мерки толку повеќе ќе има рестриктивни мерки и во делот на движењето – социјалниот живот и во делот на економијата и во делот на се што значи нормален живот на граѓаните. Колку толку со маските имаме поприлично нормален живот, вели Заев, додавајќи дека не верува оти ќе има повторно карантин.

Прашан зошто онлајн платформата за настава се уште не е подготвена, Заев рече дека таа ќе биде навреме подготвена, затоа што на нејзе работат факултетот ФИНКИ, коморите МАСИТ и други.

– Тие знаат точно кои се чекорите за се да биде навремено подготвено. Знаат кој е периодот на тестирање на самата платформа, на издржливоста. Мора да ги предвидиме сите околности за физичкото присуство на учениците, но и теоретски ако најголем дел не исполнат услови и бидат на онлајн платформата за да може таа да биде функционална. Највисок приоритет останува здравјето на граѓаните во овој случај здравјето на дечињата, посочи Заев.

Истакна дека треба да ги земеме сите аспекти како капацитети на државата за справување во најлесни и најтешки околности.

– Следејќи ги искуствата каде што тргнаа школските години имаме земји како Германија каде што уште при крајот на август тргнаа школските години и видовме како се случи да се затворат 40-50 училишта, Израел беше исто така еклатантен пример. Другите аспекти се болничките кревети кои ни стојат на располагање заради тоа што државните капацитети мора да бидат подготвени и во најлесни случаеви и во најтешки. Кога се работи за децата никако не смееме да дозволиме да бидеме во состојба да бираме кои 20 кои 30 деца ќе бидат примени во болница или не, скраја да е тоа не смееме никако да го дозволиме, нагласи Заев.

Според него доминантниот фокус е на личните средства за заштита, носење на маска, редовната дезинфекција, држењето на дистанца и вниманието.

Прашан дали обвинителството ќе ги гони фирмите што не дале плати со субвенциите од државата, Заев рече дека тие што не исплатиле плати добиле кривични пријави и како список директно биле пријавени во Јавното обвинителство.

– Со самото објавување јавно кој не ги исплатил платите, а земале помош од државата, 30 посто веднаш исплатија, некои 70 проценти во тој момент добија кривична пријава. Сите како список директно се пријавени до Јавното обвинителство. Законот или уредбата со законска сила е многу децидна внатре тоа злоупотреба на јавни пари. Парите се даваат за конкретна намена тоа е плата на работниците во таков случај сите кривично имаат добиено, понатаму обвинителство ќе ги гони до крај, рече Заев.

Што се однесува до хронично болните, Заев истакна дека доколку епидемиолошката состојба во Македонија се влоши тие повторно ќе бидат ослободени од работа.

Вели дека луѓето, вклучително и хронично болните повеќе се надвор отколку дома.

-Следејќи ги развојот на инфицирани и оние граѓани кои што имаат хронични болести и оние граѓани кои што немаат ги следиме под напатствија на здравствената комисија и се водиме строго професионално. Затоа се донесе одлука сите да тргнат (на работа) сѐ додека не постои ризик. Ако постои било каков ризик сите сме секој ден тука и транспарентно ќе ги носиме комплетно одлуките. Хронично болните граѓани дефинитивно во делокругот на своето работење, еден дел и одат на работа зашто се одлучиле да одат, рече Заев.

Според него, една од причините за одлуката хронично болните да се вратат на работа е тоа што кога се на боледување не можат да ги остварат приходите кои би ги оствариле доколку работат.

-Важно е за лицата да го одржуваат економскиот баланс на своето семејство. Генерално никој од бизнис секторот не се обратил кај нас дали да тргнат на работа хронично болните затоа што кога државата се одлучува да направи одредени забрани, таа плаќа за тие забрани, рече Заев појаснувајќи дека од Министерството за труд и социјална политика се трансферираат средства во Фондот за здравствено осигурување.