Саудиска Арабија се закани дека уште посилно ќе возврати ако и бидат воведени санкции поради новинарот Џамал Кашоги, кој исчезна во Истанбул, објави државната новинска агенција на Саудиска Арабија.

Американскиот претседател Доналд Трамп се закани со „сериозна казна“ спрема Ријад ако се утврди дека Кашоги, истакнат критичар на саудиските власти и државјанин на САД, е убиен во саудискиот конзулат во Истанбул.

– Кралството потврдува апсолутно отфрлање на било какви закани или обиди за поткопување, било во вид на закани со економски санкции, политички притисок или повторување на лажните обвинувања, пишува официјалната саудиска новинска агенција.

Агенцијата се повикува на неименуван извор од владата.

– Кралството исто така потврдува дека ќе возврати со уште посилни мерки ако против земјата бидат воведени снакции. Економијата на Кралството има влијателна и витална улога во светската економија, додава изворот на саудиската агенција.

Заканите со санкции денеска (недела) предизвикаа пад на акциите во износ од 33 милијарди долари, што е прв знак за економски тешкотии кои може да ги претрпи најголемата извозничка на нафта во светот, поради споменатата афера.

Саудискиот индекс на акциите падна за 7 отсто во најголемиот пад на вредноста од декември 2014 година, кога драстично паднаа цените на нафтата. Индексот подоцна се поправи, а сега е послаб за 5 отсто.

Турција смета дека Кашоги е убиен во конзулатот, а неговото тело е отстрането, а Ријад тоа го отфрла.

Членот на саудиската кралска фамилија и гувернер на Мека, принцот Халид ел-Фајсал, се состана со турксиот претседател Реџеп Таип Ердоган за да разговараат за исчезнувањето на Кашоги, рекоа двата извора за медиумите.

Изворот поврзан со принцовата фамилија во петокот за медиумите изјави дека принцот Халид е испратен во Турција во улога на посебен советник на кралот Салман.

Саудиска Арабија планира да ја диверзифицира економијата, при што е клучен странскиот капитал, но поради исчезнувањето на Кашоги, медијски и некои технолошки компании го откажаа своето учество на инвеститорската конференција во Ријад, која треба да се одржи иднатанедела.

Трамп не објасни за каква казна станува збор, но не ја доведува во прашање продажбата на оружје на Саудијците.

Но, американските сенатори го усвоија законот „Мењицки“, според кој претседателот треба да определи дали одредена личност е одговорна за тешко кршење на човековите права. Со тој закон, во минатото, им се забрануваше издавање визи на руски функционери и им беше блокиран имотот во САД.

Исто така, антисаудискиот сентимент во Конгресот би можел да влијае за донесување закон против монополот на нафтените картели, кој е насочен против Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК).

Претходните американски претседатели се противеа на тоа, но Трамп често ја критикува ОПЕК, а ги обвини и за покачување на цената на нафтата.