За изградбата на автопатите Тетово – Гостивар, Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола државата ќе ангажира стратешки инвеститор според нов модел, првпат без тендер.
Во наредниот период треба да се конституира Комитет за преговори со стратешкиот инвеститор „Бехтел и Енка“, а услови за тоа се создадени откако Собранието по скратена постапка завчера го изгласа Законот за таа намена, а претседателот Стево Пендаровски вчера го потпиша Указот за негово прогласување. Во меѓувреме, Државната антикорупциска комисија која смета дека законот претставува висок ризик фактор за корупција и судир на интереси, побара шефот на државата да не го потпишува Указот, а откако се случи тоа, најави дека мислењето што го изготвиле ќе го достават до Уставниот суд.
Од Кабинетот на Претседателот вчера соопштија дека Пендаровски го потпиша Указот за прогласување на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Македонија.
– Законот е донесен со потребното мнозинство и притоа ниту еден пратеник или пратеничка група не гласале против. Сите институции и поединци кои имаат сомневања во однос на уставноста на Законот, можат да се обратат до Уставниот суд кој е единствена надлежна институција за оценка на уставноста на законите и другите општи акти, наведува Кабинетот на Пендаровски во соопштението.
Претходно, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска на прес-конференција информираше дека по извршена антикорупциска проверка, е утврдено дека овој закон, како целина претставува висок ризик фактор за корупција и судир на интереси и во суштина го суспендира правниот систем во државата, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно. Донесениот закон и примената на одредбите на законот во пракса, според антикорупционерите, ќе значи кршење на начелата врз кои се темели борбата против корупцијата и судирот на интереси.
Како што најави Ивановска, ДКСК ќе бара од претседателот Пендаровски да не го потпише Указот, а доколку го потпише ќе биде даден на Уставен суд. Ќе ги користат, најави, сите алатки што се овозможени во системот да ги употребат во вакви случаи и нема да се откажат.
Во образложението на мислењето на ДКСК за овој закон, меѓу другото, стои дека се крши со Устав загарантираната слобода на пазарот и на претприемништвото и обврската на државата да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и е во директна спротивност со обврската на државата да презема мерки против монополската положа и однесување на пазарот.
Во законот, смета ДКСК, постојат правни празнини кои оставаат отворен простор за субјективизам, арбитрерност, политичко влијание, тргување со моќ и дискреција при конституирањето на Комитетот за преговори, а на сметка на стручноста, компетентноста и професионализамот.
– Овој Комитет е клучниот фактор за утврдување на договорот со стратешкиот партнер и недозволиво е од аспект на одредбите на Законот за спречување корупција и судир на интереси да се остави таква недореченост, правна празнина во однос на составот, квалификациите и стручното портфолио на членовите, рече претседателката на ДКСК, која по потпишувањето на Указот, за МИА потврди дека мислењето што го изготвија за законот ќе го достават до Уставниот суд.
Во текот на расправата во Собранието во пресрет на гласањето за законот, негово повлекување побараа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.Пратеникот од оваа партија Владо Мисјаловски рече дека во него треба да се подобрат многу работи и оти со ваква содржина ќе предизвика многу проблеми при реализацијата на планираните проекти.
-Ова е закон кој ќе чини стотици и стотици милиони евра, ваквиот закон ќе има многу проблеми, како во администрацијата при решавање на тековните работи. Ако е стратешки договор, зошто нема меѓународен договор меѓу две земји, иако постои меморандум за соработка, праша Мисајловски, наведувајќи дека во законот не пишува по кои стандарди ќе се реализира проектот, а го спореше и делот каде е наведено „со уникатен начин на градење“.
Пратеникот од БЕСА Кастриот Реџепи, пак, како еден од предлачите на овој закон, порача дека сите заедно треба да ги поддржат овие проекти и да гласаат за законот.
-Поткрепете гласајќи го овој проект од кој ќе има придобивка целата земја и граѓаните. Се работи за инфраструктурен Коридор 8, многу од нас патуваат тука, и знаат колку е значајно и колку е добар овој проект, од таа причина да не оставаме сомнеж и да го поктрепиме да почне реализацијата, рече Реџепи.
Владата на 31 март годинава потпиша Меморандумот за разбирање со компанијата „Бехтел и Енка“ како стратешки инвеститор за изградба на автопатите Тетово – Гостивар, Струга – Ќафасан на Коридорот 8, како и Прилеп – Битола на Коридор 10 д. Со него првпат се предвидува изградба преку нов модел без распишување тендер, а како што образложи ресорниот министер Благој Бочварски, ќе ги даде најбрзите и најоптималните резултати во изградбата на патната мрежа.
-Наместо да чекаме со години проектирање, па потоа дополнително со години да чекаме реализација, како што имаме примери сега, оваа едноставна постапка е многу побрза и дава побрзи резултати. Новиот пристап нуди брза и навремена реализација на капиталните проекти, нема повеќе калкулнатски игри кога е во прашање националниот интерес, рече тогаш Бочварски.
Од тековните проекти за нови автопати во државава на терен се работи на изградба на автопатот Кичево-Охрид, почнат во 2014 година, а за негово завршување повторно е предложен нов рок – крајот на 2023 година, како и делницата Скопје Блаце каде се работи на првите два километри, а останатите треба да почнат да се градат следната година.