Претставничкиот дом на Конгресот на САД усвои обемен закон со санкции и царини, што има за цел го засили економскиот притисок врз Русија поради нејзината инвазија врз Украина. Законот е испратен до претседателот Доналд Трамп на потпис, речиси година и половина откако покојниот сенатор Линдзи Греам го поднесе на разгледување.
Законот кој сега го носи името „Законот на Линдзи Греам за санкции против Русија и Иран од 2026 година“ во чест на републиканецот од Јужна Каролина, беше одобрен од Сенатот минатиот месец.
Претставничкиот дом го усвои со 262 гласа „за“ и 159 „против“, при што десетици демократи се дистанцираа од лидерите на својата партија и им се приклучија на републиканското мнозинство во поддршка на мерката.
Законодавството е насочено против рускиот енергетски и одбранбен сектор, како и против „флотата во сенка“ односно танкерите што ги заобиколуваат важечките санкции.
Законот првично наиде на отпор бидејќи истовремено му дава овластување на Трамп да воведува високи царини за Кина, Индија и други држави со цел да се намалат нивните набавки на руска нафта и гас, како и да ги прошири санкциите против Иран.
Легислативата беше оспорувана и во времето кога Греам и уште десетици сенатори ја поднесоа пред Сенатот во април 2025 година. Дури во јули оваа година, само неколку дена пред ненадејната смрт на Греам на 11 јули, Трамп им дозволи на лидерите на републиканците во Конгресот да закажат гласање.




