На 67-годишна возраст денеска почина познатиот српски и југословенски пејач, кантавтор и актер, Ѓорѓе Балашевиќ.

Како што пренесува Блиц, Балашевиќ пред три дена бил примен на Инфективната клиника при Клиничкиот центар Војводина во Нови Сад, бил позитивен на коронавирус и неговата здравствена состојба била влошена.

Докторите ги презеле сите неопходни мерки, меѓутоа неговата состојба не се подобрила. Денеска состојбата дополнително се влошила, најверојатно поради претходните хронични здравствени проблеми.

Повеќечасовните напори на докторскиот тим во новосадската клиника за жал не вродиле со плод.

Балашевиќ е роден на 11-ти мај 1953-та година во Нови Сад. Беше член на групите Жетва и Рани мраз, а во 1982 година започна соло кариера.

Тој стана еден од најомилените пејачи и кантавтори во земјите ширум поранешна Југославија. Во текот на својата кариера објави 12 албуми, а како актер се појави и во неколку ТВ серии за кои ја пишуваше и музиката.