Иран ќе преземе уште еден чекор кон намалување на почитувањето на ограничувањата предвидени со мултилатералниот нуклеарен договор од 2015 година, изјави денеска шефот на иранската дипломатија Мохамад Џавад Зариф.
Техеран и претходно предупредуваше дека нема да ги почитува во целост преземените обврски дури и дека ќе се повлече од Договорот, ако земјите-потписнички не изнајдат начин да ја заштитат иранската економија од американските санкции, откако САД се повлекоа од Договорот.
– Кажавме дека ако другите во целост не го почитуваат Договорот и ние ќе го намалиме почитувањето на Договорот. Нашите акции ќе бидат во границите на Договорот, посочи Зариф.
Иран минатиот месец се закани дека повторно ќе ги стартува центрифугите и ќе почне збогатување на ураниум до 20 проценти чистота, со што би биле прекршени одредбите од нуклеарниот договор.
Стравот од војна на Блиски Исток со глобални последици порасна откако американскиот претседател Доналд Трамп минатата година се повлече од Договорот и воведе нови санкции кон Иран.