Македонија има претензии за области каде што е концентрирана бугарската дијаспора, тврдат лица од Албанија, со албанско државјанство и со декларирано бугарско потекло кои преку БНТ бараат итна средба со бугарскиот претседател Румен Радев.

Тие се жалат дека на нив им се префрла бугарско-македонскиот спор. Нивната загриженост била предизвикана од можното одвојување на два региона во Албанија – Голо Бурдо и Гора, во посебни општини. Таму е, велат тие, концентрирано бугарското малцинство, признато од Парламентот во Тирана во 2017 година, но организации блиски до Скопје тврделе дека населението во овие области е македонско.

Бугарската пропаганда тврди дека „бугарската заедница во Албанија со векови живее во областите Мала Преспа, Голо Бурдо и Кукушка Гора“. Поделбата на Голо Бурдо и Гора во посебни општини ќе му овозможи на тамошното „компактно бугарско население“ полесно да привлекува инвестиции, да го докаже своето бугарско потекло и да побара помош од Бугарија.

– Наша територија – сите патишта се земјени патишта, немаме ниту еден пат со асфалт. Многу е тешко да се влезе на нашите територии. Немаме ниту еден пратеник. А во општините немаме претставник од нашиот народ“, незадоволен е Хаџи Пируши од здружението „Просперитет“ во Голо Бурдо.

Тие велат дека бугарската заедница не била регистрирана во ниту еден албански документ, а на припадниците на бугарската заедница им било да го докажат потеклото врз основа на извод од матична книга на родените.

– Порано Голо Бурдо беше самостојна општина, односно во изводот на родените пишуваше дека личноста е родена таму, а бидејќи се работи за компактно бугарско население, односно таму освен Бугари нема други луѓе. беше многу лесно да се утврди бугарското потекло на дотичниот кандидат. Деновиве кога се ликвидирани овие општини ни се губи секаква трага чисто административно, вели Спас Ташев од Институтот за население и хуманитарни истражувања при БАН.

Во октомври следува попис во Албанија, а паралелното движење со прашањето за поделба на општините, сепак, е загрозено од тамошните организации на Македонците кои имаат свој пратеник.

– Васил Стерјовски е човекот кој тврди дека во Албанија има само Македонци, а не Бугари, а Софија ја бугаризира Тирана. Стерјовски сака јасно да стави до знаење дека општините Голо Бурдо и Гора имаат македонско население. Од објавите на социјалните мрежи дури е јасно дека тој ја обвинува нашата земја за вештачки создавање заедници, што предизвикува потсмев кај луѓето таму. Но, нашите сонародници сакаат Бугарија да направи повеќе за своето тамошно малцинство, особено со оглед на македонската пропаганда која функционира со години, вели Ташев.

На Бугарите им треба поддршка, додава Ташев, особено за бугарските училишта.

Видео на оваа тема може да отворите ТУКА.