Обезбедивме буџет за 1.117 нови вработувања и 600 приватни специјализанти, а со почетокот на новата година ќе се објават конкурсите, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари, на брифингот со новинарите, заедно со заменик министерот Јовица Андовски и државниот секретар во Министерството, Бесим Мемеди.

– Ова е дел од нашата стратегија за подобрување на кадровските капацитети во здравството. Се посветивме на детални анализи и подготовка на измени кои ќе донесат долгорочен напредок во здравството. Клучен аспект на оваа работа беше изработката на програма за интегрирање и функционална реорганизација на здравствените единици во јавното здравство. Преку оваа програма се стремиме кон рамномерна регионална распределба на медицинските установи низ целата земја, подвлече министерот.

Тој рече дека еден од најголемите проекти што е започнат, е спојувањето на јавните установи од Комплексот клиники „Мајка Тереза” во нов правен субјект Јавна здравствена установа Универзитетски клинички центар „Мајка Тереза” Скопје. Притоа додаде дека оваа иницијатива ќе обезбеди поефикасно управување и унапредување на здравствените услуги за сите граѓани.

Паралелно, работната група за дигитализација, составена од експерти, во соработка со Министерството за дигитална трансформација, интензивно работела на развивање конкретни решенија за модернизација на здравствениот систем. До напролет очекуваат да има првични резултати и јасна насока за идната дигитализација.

Таравари истакна дека свесни за предизвиците во руралните подрачја, планирале воведување стимулативни мерки за привлекување здравствени работници да работат во овие средини.

– Во однос на зајакнување на здравствениот кадар, досега успешно завршивме повеќе преземања од приватни здравствени установи во јавни, а дополнителни апликации се во тек. Во текот на јануари и февруари, ќе промовираме современа опрема за повеќе здравствени установи, вклучувајќи ја Клиниката за урологија, Хируршката клиника „Св. Наум Охридски”, болниците во Прилеп и Велес, како и КТ ангиограф за УК за кардиохирургија, кој е единствен од ваков вид во регионот. Покрај ова, ќе иницираме отворање современ центар за инвитро фертилизација на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, соопшти министерот.

Тој информираше дека на полето на инфраструктурни инвестиции, посветено работеле на модерни хируршки сали во ГОБ ,,8 Септември” и во Клиничка болница Тетово, современ ургентен центар и педијатриски центар во Струмица, финализирање на проектот за болницата „Св. Еразмо” во Охрид со отворање во 2026 година, реконструкции на болниците во Велес, Гостивар, Прилеп, Демир Хисар, како и Центарот за цистична фиброза Козле.

– Наш приоритет остануваат КБ Штип и ОБ Кичево, за кои активно работиме на меѓувладин договор со заинтересираните страни. Во однос на легислативни промени, во пролет очекуваме усвојување на новиот закон за лекови, синхронизиран со европските стандарди, а до крајот на 2025 година финализација на законот за медицински средства. Работиме и на ревидирање на Законот за здравствена заштита, со посебен фокус на воведување парамедици во здравствениот систем. Сите овие активности ја рефлектираат нашата визија за здравствен систем кој е достапен, модерен и ориентиран кон потребите на граѓаните, нагласи министерот за здравство, упатувајќи честитки за празниците и посакувајќи им на граѓаните здравје, радост и успех.