„Додека вниманието на пошироката јавност во врска со случајот Еуростандард банка е свртено кон Судовите, дел од многуте актери во КРИМИНАЛОТ наречен Еуростандард банка, неодамна се обидоа на мала врата да сторат уште потежок КРИМИНАЛ овојпат вклучувајќи го Државниот правобранител Гостивар“, велат во соопштение Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка, кое го пренесуваат повеќе портали.
„ПРАГМАТИКА ДООЕЛ Гостивар, фирма на Гафур Муслиу, брат на политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, која како клиент на банката должи околу 380 000 евра и која 742 дена нема извршено ниту една уплата за намирување на овој долг и за неа е започната постапка за извршување пред надлежен извршител во Гостивар, како и против две други лица како заложни должници. Фирмата е регистрирана на адресата каде живее господинот Алберт Муслиу кој е заложен должник, каде што исто така е регистрирана и фирмата ТЕУТА-РАМ, која пак на доверителите на Еуростандард Банака им должи околу 400 000 евра.
Еуростандард банка како сопственик на објект, со откуп на државно земјиште директно од државата, се стекнала и со сопственост над земјиштето каде тој се наоѓа. ПРАГМАТИКА ДООЕЛ Гостивар, во договор со Еуростандард банка во минатото имала обид на тоа земјиште да гради деловен објект, кој завршил неуспешно затоа што фирмата не ги испочитувала сите рокови и не ја обезбедила потребната документација. Откако обидот пропаднал уште во 2019 година а имотот останал сопственост на Еуростандард банка, сега ПРАГМАТИКА ДООЕЛ Гостивар се обидува повторно да ја стави својата рака на имотот и преку државните институции да ја спречи продажбата на имотот на друго лице. А имотот сега, како дел од стечајната маса,им припаѓа на веќе ограбените клиенти на Еуростандард банка кои преку аукција организирана во стечајната постапка веќе имаат купец спремен да плати сума повисока од проценетата вредност.
На барање на ПРАГМАТИКА ДООЕЛ Гостивар Државното правобранителство отвара постапка со која приватизацијата на државно земјиште нешто што самата држава го дозволила пред повеќе од 10 години, сега го оценува како спорно и со тоа ја спречува продажбата на тој ист имот.
Начинот на кој се одвива оваа постапка е крајно сомнителен а особено вчудоневидува брзината на реакција на институциите, случајност или не ќе оставиме да јавноста процени.
· 25.11.2021 Четврток, само два работни дена пред имотот да се стекне со нов сопственик а доверителите да добијат соодветно намирување, од страна на ПРАГМАТИКА ДООЕЛ Гостивар поднесено е барање до Државното правобранителство за огласување на ништовност на решението за приватизација на градежно земјиште од 04.02.2011 година од Министерството за финансии. Внимавајте, решението за приватизација е со датум од 04.02.2011 година, што значи дека Државниот правобранител за Гостивар не реагирал кога земјиштето се приватизирало токму од Република Македонија но затоа цели 10,5 години подоцна смета дека со приватизацијата е загрозен државниот интерес.
· 29.11.2021 Понеделник, Државниот правобранител за Гостивар со невидена ажурност доставил допис со истиот датум (29.11.2021 година) во кое го известува Собранието на доверители кое заседава истиот тој ден, дека го прифатил барањето на ПРАГМАТИКА и поднел барање до управата за имотно-правни работи во Гостивар за ништовност на решението за приватизација од 04.02.2011 година. Секоја чест на ажурноста, се надеваме дека пошироката јавност ќе го види мотивот позади ова дејствие на ист начин како што ние оштетените го гледаме.
· Со овој допис до Сообранието на доверители кое заседаваше на 29.11.2021, Државниот правобранител Гостивар се обиде да направи опструкција на работата на Собранието на доверители со крајна цел да не се донесе одлука за продажба во услови кога за истото земјиште има понуда од купец избран како најповолен понудувач.
Со оглед на вмешување на државни органи, логички се поставува прашањето дали има место за сомневање за висока корупција?
Во таа смисла, јавно ги повикуваме сите органи задолжени за спречување на висока корупција во државата да го истражат овој случај.
Воедно, јавно ги повикуваме претставниците на Европската Комисија, со која веќе одржавме два работни состаноци на кои тие ги потенцираа своите активности за следење на случаите на висока корупција, да го следат и овој мошне „интересен“ случај, од кој многу лесно ќе произлезат школски примери „Како тоа да (не) се прави“, додаваат оттаму.