Украинскиот претседател Володимир Зеленски го оцени како позитивен знак тоа што Русија почнала да размислува за прекин на војната, но нагласи дека првиот чекор кон тоа е прекин на огнот од утре, 12 мај.

„Добар знак е што Русите конечно почнале да размислуваат за прекин на војната. Секој во светот долго време го чекаше ова. Сепак, првиот чекор кон вистински крај на секоја војна е прекин на огнот. Бесмислено е убиствата да продолжат дури и еден ден. Очекуваме Русија да го потврди прекинот на огнот – целосно, трајно и сигурно – од утре, 12 мај“, напиша Зеленски на украински и англиски јазик на мрежата Икс.

На прес-конференцијата во Кремљ синоќа, рускиот претседател Владимир Путин предложи директни мировни преговори меѓу Русија и Украина во Истанбул на 15 мај. Путин рече дека целта на овие преговори е да се постигне одржлив мир и да се отстранат причините за војната.