Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска соопшти дека за време на првата средба со британскиот премиер Енди Барнам разговарал за зајакнување на противвоздушната и поморската одбрана на Украина, развој на заедничко одбранбено производство и испорака на британски технологии за електронско војување наменети за заштита на украинските дронови.

Како што наведе Зеленски во објава на социјалните мрежи, двајцата функционери се сретнаа во британската база Портсмут, на носачот на авиони на британската Кралска морнарица „ХМС Кралица Елизабета“, каде меѓу другото разговараа и за зајакнување на одбранбените капацитети на Украина, истакнувајќи дека за земјата е од клучно значење да располага со доволно способности за одбрана, како во воздушниот, така и во поморскиот простор.

Како што наведе, тој посебно го цени тоа што посетата на украинската делегација е прва официјална посета на Британија откако Барнам стапи на функцијата премиер, оценувајќи дека тоа е важен сигнал за континуираната британска поддршка за Украина.

Тој додаде дека една од темите на разговорот бил и развој на заедничко одбранбено производство, заблагодарувајќи се за одлуката на Обединетото Кралство да ѝ испорача на Украина технологии за електронско војување наменети за заштита на украинските дронови.

Претседателот на Украина додаде дека го поканил британскиот премиер Енди Барнам да ја посети Украина и ѝ се заблагодари на Велика Британија за поддршката.

За време на посетата, Барнам и Зеленски треба да се сретнат со повеќе од 200 припадници на украинскиот воен персонал и морнари кои ги минаа последните три недели во Велика Британија, учествувајќи во вежбата за поморска безбедност „Морски ветрец“ (Sea Breeze), која е осмислена да ги подготви учесниците за идни мисии во Црното Море.

Од почетокот на инвазија на Русија во 2022 година, вкупната поддршка од Велика Британија за Украина достигна 25 милијарди фунти (29,2 милијарди евра), вклучувајќи 16 милијарди фунти воена помош и 5,6 милијарди фунти невоена поддршка, соопшти кабинетот на Барнам.

Барнам рече дека Велика Британија ќе обезбеди нова, домашна технологија за попречување, со цел да се заштитат украинските дронови во војната.

МИА