Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека добил „сериозна, моќна“ понуда од лидерите на западните земји да бидат испратени борбени авиони Ф-16 за Киев, додавајќи дека очекува конечен договор со клучните сојузници.

-Нашите партнери знаат колку авиони ни се потребни, рече Зеленски во изјава на неговата Интернет-страница.

„Веќе добив уверување од некои наши европски партнери за разбирањето на таа бројка… Тоа е сериозна, моќна понуда“, изјави украинскиот претседател.

Киев сега чека конечен договор со своите сојузници, вклучително и „заеднички договор со САД“, рече Зеленски. Се уште не е јасно кој од сојузниците на Киев е подготвен да испрати западни авиони во Украина.

Американскиот претседател Џо Бајден, да потсетиме, на лидерите на Г7, минатиот месец, им кажа дека Вашингтон поддржува заеднички програми за обука на украинските пилоти за авионите Ф-16, но советникот за национална безбедност Џејк Саливан рече дека сè уште нема конечна одлука за испраќање на авионот од Вашингтон.

Зеленски долго време се залагаше за испраќање авиони Ф-16 во Украина, тврдејќи дека нивното појавување со украинските пилоти ќе биде јасен сигнал до светот дека руската инвазија ќе заврши со пораз.

Русија вчера предупреди дека снабдувањето на Киев со тие авиони дополнително ќе го ескалира конфликтот.