Претседателот на Украина, Володимир Зеленски синоќа изјави дека Киев нема да прифати никаков договор за ретки минерали, кој би ја загрозил интеграцијата во Европска Унија, додавајќи оти е прерано за донесување на заклучок за „драматично проширениот договор“ предложен од САД.

Според него текстот е „целосно поинаков“ од претходниот нацрт-договор, што требаше да биде потпишан со американскиот претседател Доналд Трамп пред минатомесечните преговори, кои прераснаа во вербален судир.

– Не сакам да поттикнам бран коментари, сакам адвокатите на највисоко ниво да спроведат анализа, посочи Зеленски.

Првата потпретседателка на украинската Влада и министерка за економија Јулија Свириденко вчера изјави дека ја добиле работната верзија на текстот на договорот со САД за ретки минерали и оти се работи на формулирање на украинскиот став за документот.

– Го добивме текстот на договорот, во моментов работиме на тоа. Тоа е работна верзија, која во суштина го одразува ставот на американските правни советници, ние ја формираме нашата позиција, наведе Свириденко.

Со последниот американски предлог бара од Киев да му ги испрати на Вашингтон сите приходи од фондот, што ќе ги контролира украинските ресурси, додека Украина не ја плати американската воена помош со камата.

Според тројца неименувани извори Вашингтон ги изменил своите барања. Според последниот нацрт, Украина нема да има безбедносни гаранции и од неа се бара да придонесе во заеднички инвестициски фонд со приходи од природни ресурси управувани од државни и приватни компании.

Според резимето, нацртот предвидува Вашингтон да има приоритет при купување ресурси и враќање на сите пари испратени во Украина од 2022 година, со годишна каматна стапка од четири отсто, пред Украина да добие пристап до приходите на фондот.

Со заедничкиот инвестициски фонд би управувала американската корпорација за меѓународен развој, а фондот би имал пет членови на одборот, од кои тројца би биле назначени од САД и двајца од Украина. Средствата би се заменувале за девизи и би се испраќале во странство.