Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека разговарал со премиерот на Израел Нафтали Бенет за, како што вели тој, скандалозните изјави на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој рече дека нацистичкиот лидер Адолф Хитлер имал еврејска крв.

Зеленски на Твитер напиша дека на Бенет му го честитал Денот на независноста на Израел, го информирал за текот на борбата против Русија, како и за критичната ситуација во Мариупол.

Подоцна, во вечерното обраќање, тој наведе дека со Бенет разговарале и за скандалозните и целосно неприфатливи изјави на Лавров.

Русија постојано повторува дека со специјалната воена операција, како што ја нарекува инвазијата на Украина, сака денацификација на Украина, почнувајќи од нејзиното раководство. Но, честопати е потенцирано дека Зеленски и самиот е Евреин. Запрашан за ова претходно, рускиот министер за надворешни работи рече: Па, кога ќе речат: „Како може да постои нацификација ако сме Евреи?“ Според мене, Хитлер исто така имал еврејско потекло, така што тоа не значи апсолутно ништо. Веќе некое време слушаме од еврејскиот народ дека најголемите антисемити биле Евреи“.

Западните лидери ја осудија изјавата како невистинита и апсурдна.

Изјавите на Сергеј Лавров предизвикаа жестока реакција од Израел. Шефот на дипломатијата на земјата ги нарече непростливи и скандалозни, додавајќи дека Евреите не се убивале сами себе во Холокаустот.