Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека како опција се разгледува прекинување на односите со Русија.
Тој нагласи и дека побарал веднаш да се запре проектот „Северен поток 2“.
-Добив барање од Министерството за надворешни работи да се разгледа прашањето за прекин на односите меѓу Украина и Руската Федерација, рече Зеленски, додавајќи дека сега ќе го испита и ќе работи на ова прашање.
Зеленски додаде дека Русија мора да биде казнета поради нејзиното признавање на двата региона на Украина под контрола на сепаратистите со итни санкции кои вклучуваат целосно запирање на Северен поток 2.
Зеленски денеска предупреди дека руското признавање на двата отцепени региона на неговата земја е претходник за понатамошен воен напад.
-Сметаме дека со оваа одлука Русија создава правна основа за натамошна воена агресија врз Украина, со што ги прекршува сите можни меѓународни обврски, рече Зеленски.